Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, информираше за нови 50 вработувања на деца без родители и родителска грижа предвидени со Програмата Д-10.
Спасов, апелираше до сите заинтересирани лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и без родителска грижа, и коишто ќе ги исполнуваат условите и критериумите наведени во огласот кој ќе излезе утре, 16.8.2013 година, да аплицираат во наредните 20 дена за добивање на соодветен работен ангажман во зависност од нивните квалификации.
– Согласно со Програмата Д-10 оваа година ќе бидат вработени вкупно 83 лица, со што значително ќе им се помогне и ќе им се обезбедат услови за нормален живот, постојана работа со цел за нивна интеграција во општествениот живот. Со оваа програма која се спроведува од страна на Владата на Република и Министерството за труд и социјална политика се решава најголемиот предизвик со кој се соочуваат овие лица како и предизвикот на сите деца без родители и родителска грижа, бидејќи на јасен и недвосмислен начин преку транспарентна постапка им се обезбедува постојана работа со цел за нивна полесна интеграција во општествениот живот за овие лица кои не по своја вина останале без родители и родителска грижа, во исто време ги поттикнувам сите деца да се образуваат и постојано да се надградуваат, да вложуваат во себе и да не се откажуваат, државата води грижа и овие деца нема да бидат оставени сами на себе и постојано ќе се реализираат мерки со кои континуирано ќе им се помага за да ги надминат предизвиците со кои се соочуваат“ рече Спасов.
На почетокот на годинава согласно оваа Програма беше распишан оглас и во државната администрација се вработија 33 лица кои до 18 годишна возраст имале статус на дете без родители и без родителска грижа.
OhridNews