Во рамки на одбележувањето на 5-ти Јуни Светскиот ден на животната средина, општина Охрид, неделава ќе ја реализира традиционалната акција „Цветни балкони – Цветен Охрид “.

По тој повод обезбедени се 500 жардиниери саксиско цвеќе, кои ќе им бидат поделени на жителите кои живеат на следните улици: „Гоце Делчев“(десна страна) од пресекот со „Абас Емин“(втор чинар) до пресекот со „Ариф Мустафа“(десна страна) која оди до пресекот со бул.„Туристичка“,делот од бул. „Туристичка“ од пресекот со „Ариф Мустафа“ до пресекот со „Абас Емин“(десна страна), како и улиците „Петар Поп Арсов“, „Илија Дуданоски“, „Ѓоре Ѓорѓиоски“, „Пере Тошев“, „Стив Наумов“, и „Пирин Планина“.

Акцијата ќе се реализира на 5-ти јуни, среда, и 6-ти јуни, четврток.


500 жардиниери со саксиско цвеќе ќе ги красат балконите на охриѓани

Граѓаните од гореспоменатите улици кои се заинтересирани за  жардиниери со цвеќе претходно треба со документи за лична идентификација да се запишат на список во Општина Охрид-Сектор за урбанизам и заштита на животната средина во соба бр. 56. и тоа во понеделник, 3-ти јуни и во вторник, 4-ти јуни од 12-15часот.

Цвеќињата ќе бидат поделени во расадникот на ЈП Комуналец на 5-ти и 6-ти јуни, среда и четврток од 11 до 14 часот и тоа само на граѓаните од горе споменатите улици кои претходно се запишале на список во Секторот за урбанизам и заштита на животната средина. Тие цвеќето ќе можат да го подигнат со лични документи за идентификација од кои ќе биде видлива адресата на живеење.

Инаку, во рамки на Неделата на животна средина, општина Охрид во четврток, 6-ти јуни,  ќе организира и акција за собирање на стара хартија во соработка со основните и средните  училишта од Охрид.

 Акцијата за собирање на стара хартија наменски се организира на крајот од школската година за да можат учениците да ги донесат сите непотребни списанија,тетратки и друга хартија во дворот на нивното училиште каде ќе бидат поставени соодветни садови за одлагање на хартијата. Во акцијата ќе можат да се вклучат сите граѓани и институции од  Охрид , кои исто така својата отпадна хартија можат да ја донесат до за нив најблиското училиште. Акцијата за собирање на стара хартија ќе се одвива од 8 до 15 часот.

OhridNews