Со мултимедијалниот спектакл  „Трилогија Романа“ од Оторино Респиги, во продукција на шпанската компанија „Ла фура дел Баус“, на 12 јули, втоник, на Античкиот театар свечено ќе биде отворено 51 издание на најзначајната културна манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“. Овој проект кој е дел од светската премиера, која по изведбата во Валенсија и Рим се заокружува во  Охрид,  е спој на музика, аудио и визуелни ефекти, кои ја доловуваат атмосферата на древниот Рим. Музичкиот дел го донесува Македонската филхармонија, со која ќе диригира познатиот Андреас Вејзер од Германија. Тој е задоволен од подготвеноста на македонските музичари со кои изминативе денови работеше во Скопје и очекува добра изведба на ова, како што рече, исклучително тешко дело.
 
-Оркестарот е исклучително подготвен иако се работи за една тешка музичка програма. Музичарите се навистина упорни и затоа се надевам дека ќе успееме да се претставиме во најдобро светло. Делото кое ќе изведеме е составено од три дела Римските свечености, Фонтаните на Рим и Боровите на Рим. Имаме навистина интересни  сцени кои заедно со музиката  му даваат исклучителна уникатност на самата изведба. -рече Себастијан Вејзер, кој додаде дека е инпресиониран од  традицијата која ја негува  фестивалот Охридско лето.


За ефектите е задолжена техничка екипа, која ја раководи Давид Пасквал, кој ја објаснува комлексноста на мултимедијалниот проект.

-На сцената на Античкито театар ќе биде поставена рампа со два екрани. Оркестарот ќе биде практично помеѓу двата екрани, а ќе има видео проекции и на предниот и на задниот екран. Публиката ќе го гледа најпрвин  предниот екран односно платното иако  на моменти во текот на изведбата преку него, ќе може да го види  и оркестарот. Во текот на изведбата предното платно ќе се крене и ќе може да го гледаме оркестарот како свири. На предното платно планирано ќе одат проекции на вода и оган, а на задниот екран ќе се прикажуваат  слики на сите делови од „Трилогија Романа“. -истакна Пасквал.


Компанијата  „Ла фура дел Баус“ е основанаво 1979 година. До сега организирала перформанси во многу земји како Бразил, Колумбија, Австралија, Кина, Русија, Италија, Холандија, а настапи и на Летните олимписки игри во Барселона, Шпанија.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска рече дека  „Трилогија Романа“  е еден фасцинентен проект на музиката на Респиги и на најноовата технологија. 

– Тоа што  нема ниеден актер на сцена, има за цел никој да не го украде протагонизмот на музиката и светлото, значи  на сцената ќе бидат само диригентот и музичарите од оркестарот. –рече Јосифова-Неделковска.

На спектаклот со кој свечено ќе биде отворено 51-то „Охридско лето“ на Античкиот театар најавени се голем број гости, меѓу кои и државници.

OhridNews