– 51-то издание на фестивалот понуди исклучително богата уметничка програма со настани кои предизвикаа огромен интерес во јавноста, особено кај љубителите на музичката и театарската уметност. Беа реализирани 25 концерти во рамките на музичката програма и 10 драмски претстави со 15 изведби на 5 различни простори во театарскиот дел од програмата, а беа поставени и 6 изложби и една проекција на филм. Според податоците оваа година „Охридско лето“ го посетија над 20.000 посетители, рече Мојсоски.
Големо задоволство од реализираното искажа и музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифова- Неделковска.
– Она што посебно ми значи, од стручна гледна точка е високата оценка на странските укметници, гости на фестивалот, кои севкупната фестивалска програма ја вреднуваат како светско собиралиште на врвни уметници, и тоа само во едно фестивалско издание. Според стручната критика и публиката, се потврдува дека оваа година фестивалот ја понуди најдобрата уметничка програма од сите досегашни изданија, рече Јосифова- Неделковска.
Таа издвои неколку од мноштвото настани кои годинава предизвикаа голем интерес кај пубиката. Свеченото отварање, концертот на виртуозот на виолина Најџел Кенеди, руските пијанисти Гиндин и Володин, кларинетистот Најдих, заедничкиот концерт на Стефан Миленковиќ и Влатко Стефаноски, Дуке Бојаџиев, “Осумте тенори на 21- от век”- се само дел од нив.
Според драмскиот селектор на фестивалот, Ѓорѓи Јолевски, претставите кои годинава љубителите на театарската уметност имаа можност да ги проследат, ги оцени како спој на класичниот театар со модерни примеси.
– Премиерната изведба на претставата на охридскиот Народен театар “Кабаре Мистериозо”, “Без наслов” на режисерот Јозеф Наѓ, претставата “Електра”, Сфумато театарот од Софија и претставата “Зимска бајка”, “Свадбата на Фигаро” во изведба на актерите при Македонскиот народен театар, ја воодушевија бројната публика, истакна Јолевски.











