Со традиционалното садење дрво и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2024 година, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, денеска во Струга почнува 63. издание на Струшките вечери на поезијата.

Покрај лауреатот, на 63-тите Струшки вечери на поезијата свои стихови ќе читаат и добитниците на наградите „Браќа Миладиновци“ македонската поетеса и книжевен теоретичар, Катица Ќулавкова, „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, како и поетите Бенгт Берг од Шведска, Ана Хофман од Германија, Ѓокченур Челебиоглу од Турција, Галсансух Дежидмаа од Монголија.
Годинашното мото е „Допир на убавината“, со кое се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку неговата тактилност и рељефност со допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата.
Во рамките на програмата предвидени се меѓународни поетски читања, како и поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024. Неизоставен дел се и портретите на добитниците на „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“, како и традиционално портрет на лауреатот во црквата „Света Софија“ во Охрид.
На програмата се и чествување на годишнините на петмина македонски поети и одбележување 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, 95 години од раѓањата на Гане Тодоровски и Матеја Матевски“, како и традиционалното поетско кафе со поети од платформата Версополис. Ќе биде отворена и изложба на Литов Намдаг Јанчивин, почесен конзул на Монголија, по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
Фестивалот завршува в недела на манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, со поетски читања и врачување на највисоките признанија, наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“„Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“ на годинашните лауреати Жан Пјер Симеон, ,Катрин Пиц, Катица Ќулафкова и Филипа Сара Попова.
Поради активностите за поставување на сценографија, од 15 часот ќе биде затворена за сообраќај улицата кеј „Борис Кидрич“ пред платото на Центарот за култура, а в недела во 12 часот ќе биде затворена улицата „Партизанска“ за свеченото затворање на манифестацијата „Мостови“.
OhridNews











