Годинашното 63-то издание на реномираниот фестивал „Охридско лето” ќе биде отворено на Античкиот со грандиозен концерт на светската оперска дива, сопранот Ангела Георгиу од Романија заедно со Оркестарот на Националната опера и балет на Македонија, а под диригентската палка на Теодорашку Артаманов од Романија.

Од 12 јули до 20 август, љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти, 7 театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга.

Фестивалските вечери на годинашното издание ќе донесат уметност значајна за културниот развој како на Охрид, така и на целата држава. Ќе создадеме уште едно неповторливо доживување за нашата верна публика. Ангела Георгиу важи за најгламурозната оперска ѕвезда. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција. Големо име имаме и во делот на драмската програма, светски познатиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович. Американската филмска ѕвезда со проектот во режија на Михаел Штурмингер „Вечер на Џон Малкович“  во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и Оркестарот на Виенската академија е најексклузивниот гостин кој ќе се запише во листата на најголемите уметници кои настапиле низ фестивалската историја на „Охридско лето“, рече  директор НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.

Покрај спектакуларното отворањето на фестивалот „Охридско лето“ оваа година фестивалот нуди врвни музички имиња од целиот свет и од Македонија, вели селекторката на музичката програма Бисера Чадловска.

Од светските имиња, ќе издвојам неколку: светски познатиот виолинист Немања Радуловиќ и оркестарот Double Sense, Френк Дупре џез трио, како и пијано рецитал на Френк Дупре, виолинистката Ирина Муресану со оркестарот „Фејмс“, камерниот оркестар „Кончертанте“ од Ниш, кларинетистот Пабло Бараган заедно со пијанистот Елоис Бела Кон, камерниот ансамбл La Spagna, дувачкиот камерен ансамбл “Камерата академика“ од Словенија, виолинистот Роман Симович, светски познатиот пијанист Алексеј Ботвинов, концерт на Јозеф Тавардос на уд и уште многу други исклучителни уметници. Од домашните имиња ќе имаме можност да ги слушнеме пијанистите Дино Имери и Мимоза Ќека со индивидуални рецитали, пијано дуото Гелебешеви, триото „Аура“, традиционалниот концерт на Музичка младина на Македонија, дувачко трио со концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо и за крај на музичката програма, ден пред Свеченото затворање, хорот „Про арс“ под диригентство на Сашо Татарчевски, со едно ново создадено дело на професорот Живојин Глишиќ, со наслов „12 месеци“. За роденденот на фестивалот, на 4 август, ќе слушаме фадо музика, во изведба на Жоана Амендоеира, Педро Амендоеира и Жоао Филипе, додаде Чадловска.

Небото на годинешното „Охридско лето“ ќе блеска од театарски ѕвезди, додека публиката ја впива и во себе ќе се бори со секоја воздишка, секој крик, смев, секое разочарување, лага, возбуда и среќа, секоја тага, копнеж и болка, предизвикани од емоционалналното празнење на 7 театарски претстави, рече селекторката на драмскиот дел Сања Арсовска.

63-тото издание на „Охридско лето“, својата театарска програма ја отвара со Стивен Фридмен и Офф Бродвеј претставата Бикот на Фаларис, извондредна автобиографска монодрама за еден генијален ум во потрага по одговорите на есенцијанлите животни прашања, вадејќи го екстрактот на убавото во секоја човекова болка. 26 јули 2023 ќе остане запаметен по тоа што „Охридско лето“ ќе приреди историски настан, носејќи едно од најголемите светски глумечки имиња на сите времиња, Џон Малкович. Претставата Пеколна комедија- Исповедта на еден сериски убиец, во режија на Михаел Штурминген, а во главната улога на Малкович во придружба на два сопрани и оркестар, на еден мрачно – комичен начин ќе ја обработи церебралната изопаченост на еден убиец, рече Арсовска.

29 јули е резервиран за уште една голема претстава, Ана Карењина, во продукција нa Ujvideki Szinhaz Ујвудеки Зинхаж од Нови Сад, а во режија на нашиот режисер Дејан Пројковски.

На 6-ти август Охридско лето ја има првата премиера од  домашна продукција, театарот Џинот од Велес со претставата “Едвард Втори”по текст на Кристофер Марлове, режирана од европскиот авторитет, украинскиот режисер Андриј Жолдак. На 10 август на програмата е Охридскиот народен театар со Серјожа е туп од Димитри Данилов, а во режија на Дајана Николовска. На 14-ти август Прилепскиот театар “Војдан Чернодрински” ќе му даде сценски приказ на едно од најголемите книжевни дела Декамерон од Џовани Бокачо, во драматизација на Лидија Митоска- Ѓорѓиевска, а во режија на нашиот феноменален Мартин Кочовски, вели Арсовска.

На 18-ти август  на програмата е Градскиот театар од Љубљана со претставата Нора од Ибзен, претстава која ја обележа оваа театарска сезона во Словенија, режирана од нашата најдобра режисерка Нела Витошевиќ, во чија главна улога настапува една од најголемите словенечки актерки, Ајда Смрекар.

За затворање на фестивалот, 20 август jа имаме најголемата регионална ѕвезда, актерот Милош Биковиќ во претставата Лагата од Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, а во продукција на Белградскиот драмски театар. Биковиќ заедно со извонредните Тамара Крцуновиќ, Миoдраг Радониќ и Јелисавета Теодосиќ духовито ќе ги пласираат дилемите за користа од лагите и тајните во бракот. Светските книжевни класици, на кои се недоврзуваат современите драмски текстови ќе создадат фестивал за паметење. Големите доаѓаат, сѐ што треба е трпеливо да чекаме да започне 63-тото издание на Охридско лето.

Директорката на Фестивалот, Поповиќ, на прес-конференцијата се осврна и на успесите на „Охридско лето“, како најреномирана манифестација со интернационален предзнак.

Самитот на уметничките фестивали во Гирона, Шпанија во чии рамки се одржа и 70. Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација, „Охридско лето“ се најде меѓу првите пет од 140 фестивали, членки на ЕФА. Членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека „Охридско лето“ е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација, но и потврда дека културата, уметноста и традицијата, кои се создаваат на фестивалската сцена во древниот Охрид го опишуваат кодот на нашиот народ и зборуваат за неговото постоење низ вековите, неговата посебност и специфичност, додаде Поповиќ.

„Охридско лето“ од оваа година преку соработката со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, според Поповиќ, официјално станува дел од активностите за брендирање на нашата земја како туристичка дестинација.

Н.С.Ј.