Во првиот квартал од годинава имало 1832 новоотворени фирми, но тоа е за околу 150 помалку отколку во истиот период лани, кога имало 1983 новоотворени компании, покажува анализата на Пари во соработка со платформата Бизнис мрежа.мк. Овој податок ја отсликува неизвесноста со енергетската криза и другите економски последици од војната во Украина, кои од крајот на минатата година предизвикаа уште поголема воздржаност на инвеститорите отколку во 2021 година, кога светот уште беше под големо влијание на пандемијата со корона-вирусот.

Сепак, податоците кажуваат дека во првиот квартал од оваа година имало повеќе отворени отколку затворени компании. Порталот Пари веќе ја објави анализата за затворените компании во првиот квартал од годинава https://pari.com.mk/zavrsnite-smetki-gi-postedija-firmite-od-zgasnuvanje-vo-prv-kvartal-zgasnati-tri-pati-pomalku-firmi-od-lani/. Според податоците за трите месеци годинава згаснале 1012 компании, што значи дека бројот на новоотворените компании е поголем за 820 фирми. Но, годинава првпат на сила стапи нова законска регулатива, според која го немаме големото февруарско бришење на фирми што не доставиле завршни сметки од страна на Централниот регистар.

Интересен податок е што најмногу новоотворени компании имало во јануари, а потоа, како растела неизвесноста, се намалувал и интересот за отворање на фирми.

Податоците покажуваат дека најмногу се отвораат микрофирми. Имено, од 1832 фирми, 1830 се микро, а само две се средни компании. Овој податок оди во прилог на националната статистика. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, објавени на 24 март, а кои се однесуваат на 2021 година, во државата имало 70424 активни деловни субјекти, а податоците за структурата на активните претпријатија според бројот на вработени покажуваат дека најголемо учество, од 82.5 %, имаат претпријатијата со 1 до 9 вработени.

Порталот Пари, како и секогаш, ги става „на кантар“ бројките за да „извага“ каков тренд продолжува: Во кои градови има најголем интерес за новоотворени фирми? Нормално е дека секогаш приматот го држи Скопје, додека другите 4 градови во првата петорка речиси секогаш се истите, со мали отстапувања низ анализираните квартали.

Во Скопје, во првиот квартал од годинава се отвориле 844 фирми, или 46 % од вкупниот број на новоотворени компании. Оваа бројка покажува поголема концентрација на новоотворените фирми од лани, кога за цела 2022 година, уделот на новоотворени компании во Скопје во вкупниот број на новоотворени компании во Македонија бил 38,8 %.

На второ место по број на новоотворени фирми е Битола, со 88 нови фирми, но иако е на таа позиција, тоа е скромен удел од 4,8 % на новоотворени фирми во вкупниот број на фирми.

На трето место е Тетово, со 76 фирми, а потоа се Охрид, со 64 и Куманово со 60 новоотворени фирми.

OhridNews

извор: Пари