Во текот на 2-ра недела од 2022 година (9-16.01.2022), во државава пријавени се 470 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, идентично како минатата недела, информираат од Институтот за јавно здравје.
Заболените се пријавени од 14 ЦЈЗ/ПЕ, во Дебар – 96, во Охрид – 65, во Гостивар – 45, во Штип – 40, во Скопје – 39, во Кавадарци – 36, во Струмица – 35, во Велес – 32, а во останатите ЦЈЗ/ПЕ, бројот на пријавени е помал од 30, се вели во извештајот.
Во текот на 2-ра извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнале 737 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои 7 од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и COVID-19.
Притоа, детектирани се 44 (6,0%) позитивни случаи, 43 од рутинскиот надзор и еден позитивен случај од сентинел САРИ надзорот, сите Influenza A несубтипизирани. Од позитивните од рутинскиот надзор, кај 2 е потврдена инфекција со грип и КОВИД-19 истовремено, се додава во извештајот.
Од Институтот за јавно здравје велат дека се забележува стабилизирање на бројот на заболувања слични на грип, кој сѐ уште е под неделната граница за сезонска активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца по три недели покажуваат позитивност од 6%. Согласно овие податоци, Македонија има регионална раширеност и среден интензитет на активноста на вирусот на грип.
OhridNews












