Десетици млади животи згаснаа во борбите за ослободување на Охрид што партизанските одреди ги водеа со фашистичкиот окупатор на 7-ми Ноември 1944 година. Благодарение на нивното херојството, 69 години подоцна Охрид е слободен град, туристичка, културна и духовна „Мека“.

Денот на ослободувањето на Охрид ќе биде одбележан со бројни свечености. Во текот на денот, делегации на општина Охрид ќе положи свежо-цвеќе пред спомен-бистите на Мите Богоески пред економското средно училиште, Петре Пирузе-Мајски пред Основниот суд, Андон Дуков и Спас Банџов во градскиот парк, споменикот на Јасна Ристеска во селото Рамне, односно споменикот на паднататите борци на градските гробишта во Охрид.

Чествувањата продолжуваат со историски час, на кој за значењето на овој ден ќе зборува Никола Стефаноски, потпреседател на ОО Сојуз на борци за општините Охрид и Дебарца.

Програмата ќе биде збогатена со настап на културно уметничкото друштво при Здружението на пензионери од Охрид, а свој настап ќе имаат и децата од „Распеано рибарче“

Исто така, во спортската сала „Билјанини извори“ најмладите ќе одржат свечена приредба по повод патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.
Овој ден, го прославуваат и повеќе охридски јавни претпријатија, установи и локални медиуми.

На денешен ден патрониот празник го одбележува јавната установа Детска градинка „Јасна Ристеска“, додека 7-ми Ноември е празник и на јавното претпријатие „Охридски Комуналец“.

OhridNews