6тото издание на Codefest Tech Festival, настан кој претставува прослава на технологијата, иновациите, стартапите и креативните млади, започнува денеска во Охрид. Настанот е основан и организиран од организацијата Стартап Зона од Охрид. Годинешното издание на настанот е организирано со заеднички сили на локалната ИТ и бизнис заедница од Охрид преку вклучувањето на стартапот Slice и на Охридска Банка Сосиете Женерал како главни партнери на настанот, покрај поголемиот број домашни и интернационални партнери кои ги вклучуваат InScale, Seavus Education and Development Center, South-Central Ventures, како и Swiss Entrepreneurship Program која е интернационална програма на Швајцарската влада. Голем број компании се вклучуваат на настанот и преку експо работилниците, а секако и со регрутери на самата локација. 

Денеска се одржува конференцијата Codeference од 17:00 часот до полноќ, со многу говори и интерактивни активности. Паралелно се отвора и бизнис експото, каде ќе се претстават повеќе компании и стартапи и истото е отворено сите 3 дена на настанот. По завршување на конференцијата е предвидена networking забава во Cuba Libre summer beach.

На 21ви април – во 10:00 часот започнува 32-часовниот Codefest Marathon. Ќе се натпреваруваат 28 тимови поделени во 3 категории: Млади (до 16 години), Студенти (од 17 години до мастер студии), и Професионалци (вработени, freelancer-и, или не било кој начин, не-студенти). Тимовите учесници на Маратонот доаѓаат од целиот регион и ќе се натпреваруваат во развој на иновативни идеи и прототипи. Паралелно со Маратонот во Вип салата на Инекс Горица започнуваат и практичните мултидисциплинарни работилници – Codefest Workshops кои се бесплатни и отворени за пошироката публика, а исто така паралелно ќе се одвива и Community Corner, дел од фестивалот во кој заедницата може да се претстави со сопствен настан или активност.

На 22ри април – ќе се одвиваат финалните презентации на тимовите и нивната борба за освојување на награда на Маратонот. Потоа следува завршната церемонија на настанот со прогласување на победниците од страна на стручното жири и доделување на вредни награди. Исто и овој ден се одвиваат работилниците, Community Corner-от и е активно експото.

Фестивалот завршува во недела на 22ри април околу 17:00 часот по прогласувањето на победниците.

OhridNews