Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани, денеска, 7-ми мај, со концерт во Домот на културата во Вевчани ќе одбележи 70 години организиран фолклор во Вевчани. Поради големиот интерес  ќе бидат одржани два концерти со почеток во 18.00 часот и во 20.30 часот.

Вевчани е стара населба, а фолклорната традиција е стара колку и населбата. Вевчанскиот карневал е пример за тоа, но, фолклорот како уметност на организиран начин за прв пат е претставен на сцена во 1947 година.

-Среќен сум што ние како генерација на КУД „Дримкол“ одлучивме да го прославиме  формирањето на првата играорна група во Вевчани во 1947 година која успешно се претставила на свеченостите по повод 11-ти Октомври во Скопје. Од тогашната играорна група формирана од младите Вевчанци членови на сојузот на кумунистичката младина на Југославија, преку училишните и младинските групи се пренесува љубовта кон фолклорот, се негува традицијата и  се формира  денешното КУД ,,Дримко“, кое денес  брои 150 активни членови распоредени во неколку организациони уметнички целини: фолклор, театар, пејачка група, оркестар. Ова за нас е многу значаен јубилеј, бидејќи истиот ги опфаќа сите генерации на играорни групи кои работеле во Вевчани од 1947 година до денес, еве цели 70 години. – вели претседателот на друштвото Тошо Чочороски.

На програмата на свечениот концерт ќе бидат прикажани орски и вокални изведби од западна Македонија, Повардарието, од Пиринскиот и  Егејскиот дел на Македонија, а програмата ќе започне и заврши со Вевчански обредни орски и вокални изведби. Со програмата на сцената ќе раководи познатата македонска актерка Снежана Конеска-Руси, а ќе биде прикажан и документарниот филм „70 години организиран фолклор во Вевчани“, во режија на Лидија Мојсоска.   

OhridNews