Младински Совет Охрид продолжува со имплементација на четвртиот циклус од проектот „Локален Волонтерски Сервис“, во чии рамки објавува повик за пријавување на волонтери за пополнување на 8 волонтерски позиции.

Корисници на волонтерските услуги ќе бидат: локалните самоуправи (општинските администрации) правосудните органи (Основни и Апелациони судови, јавни обвинителства), државни агенции на локално ниво и подрачни министерства, како и во граѓански организации кои работат на локално ниво. Потенцијални волонтери во овој проект се граѓаните со посебен акцент на младите невработени лица и студенти на возраст до 30 години.

Од реализацијата на проектот во 2012/2013 се очекува да бидат обучени 8 волонтери и 8 претставници на институции во областа на волонтерски менаџмент, да се креираат и реализираат 8 волонтерски места при што ќе се опфатат околу 1000 корисници на волонтерските услуги (граѓани).

За сите волонтери е обезбеден надоместок за покривање на трошоците за пат и исхрана за период од 3 месеци. Волонтирањето бара секојдневен ангажман во работни денови по 4 часа. Очекуван почеток на волонтирањето е во текот на месец јануари 2013 година.

Проектните активности ќе придонесат за имплементација на Законот за волонтерство во РМ донесен на 2 јули 2007, со што се овозможуваат нови пристапи за организирано волонтирање. Целта е  да се надминат поранешните состојби на непланско и неорганизирано волонтирање кога волонтерскиот труд не беше ценет и најчесто беше поистоветуван со неплатен труд или губење на време.

Проектот го раководи Младински Културен Центар од Битола, а покрај Младински Совет Охрид, истиот се реализира во соработка со уште 5 невладини организации односно Волонтерски Инфо Точки (ВИТ) и тоа Младински образовен форум – Скопје, СППМД – Кавадарци, Агтис – Прилеп, Институт за развој на заедницата – Тетово и Организација на жени на општина Свети Николе. Проектот е поддржан од National Endowment for Democracy. 

Рокот за пријавување е до 30 ноември 2012 година.

OhridNews