Уметноста не прави богати, без неа ние, како и општеството во глобала, би биле многу сиромашни.

Многу емоции разбуди изложбата „Сликам со тебе приказна од душата“ на охриѓанката Наташа Попоска Карче, што се одржа вчера вечер во преполното предворје на катедралната црква Св. Софија, во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Енергијата која зрачи од уметничките дела на Попоска Карче можеше да се почувствува на просторот кој сам по себе е уметничко ремек дело на некогашните градители, од каде извира силна духовност.

Јас го сликам тоа што го чувствувам. Да можев да и свртам грб на секоја моја мисла и секое мое чувство, тогаш не би постоеле ниту овие платна. Сликам со тебе е дел од мојата душа, тоа се оние делови кои се кријат зад превезот на невидливото, рече Попоска Карче.

Моментот на една временска рамка има јасно ограничување, ама моментот како доживување има безграничен рок на траење, токму тие емотивни доживувања јас ги преточив во боја, во лик, во пејзаж, додаде таа.

Создавајќи сфатив и тоа дека да се набљудува човечкото во себе е многу потешко  отколку да се набљудува човечкото во светот и времето во коешто живееме. И не треба само да набљудуваме, туку треба да дејствуваме, да даваме, да создаваме по некој траг којшто ќе докаже дека сме постоеле тука, овде на земјава, дека сме чекореле сите заедно. – истакна уметничката Наташа Попоска Карче.

Овие неколку години што поминаа не потсетија дека животот е кревок и дека се може да исчезне за миг, рече Наташа која изложбата ја посвети на големиот уметник и, како што посочи, голем човек, Драган Спасески Охридски.

Тој беше мој ментор кој со своите визии и креации, со својата духовност многу пати го допре и овој град и овој фестивал. – кажа пред многубројните присутни на изложбата Попоска Карче.

Говорејќи за уметноста на Наташа Попоска Карче, историчарот на уметност и византолог Иван Заров истакна дека во нејзините слики  се преплетува мечтателноста на времето и нејзиниот буен, екстровертен и динамичен хабитус како личност.

Таа денес се претставува со целосно нов опус на слики во масло и акрил кои го отсликуваат нејзиниот естетски светоглед. Доминираат нејзините суптилни, нежни пејзажи, имагинарни и реални, кои прикажуваат визури и композиции од Охрид, но и композиции кои по потрагата по трансцедентното го потенцираат нејзиниот фантастичен имагинариум исполнет со  визуелни асоциации и суптилни метафори. – рече Заров.

Нејзиниот сликарски ракопис опфаќа еден широк стилско – естетички дијапазон каде компаративно можат да се проследат различни влијанија, додаде Заров.

Почнувајќи од француската барбизонска школа, англиското пејзажно сликарство, преку импресионистичката уметност на Клод Моне, Ками Писаро и Огис Реноар, а во некој творби таа смело се доближува до некои експресионистички решенија преку кои суверено го моделира и создава својот интимен ликовен свет. – рече Заров.

Галеристот Љупчо Жупан вели дека се чувствува голем напредок во сликарството на Наташа Попоска Карче и потенцијал дека во иднина ќе гледаме се’ подобри дела од неа.

Наташа се вложува во нејзините слики максимално професионално и искрено ги работи мотивите, со чувства, кои допираат до делата од импресионизмот и можам да кажам дека зазема залужено место во соодветната ликовна елита во Охрид. Очекувам дека во иднина ќе имаме уште многу вакви изложби од Наташа и се радувам што љубителите на уметноста во голем број ја посетија оваа изложба. Дотолку повеќе што живееме во материјален свет, обременет со многу комерцијалности и непотребности и потребно е да се свртиме малку кон духовното и уметничкото. – рече Жупан.

Синоќешната е втора изложба на Наташа Попоска Карче во неповторливиот амбиент на Григориевата галерија на Св. Софија, во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Таа по професија е доктор стоматолог, но длабоко во себе уметник кој храбро ги изразува своите своите чувства на сликарското платно, а во нејзините дела се испреплетуваат искрени емоции кои ја допираат душата.

Горан Момироски

Фото галерија:

Чувства преточени во уметност, емотивна изложба на Наташа Попоска Карче во предворјето на Св. Софија