Фудбалската репрезентација на Македонија, 2015 година, ќе ја заврши на 136-та позиција на ранг листата на ФИФА, што е најслаб пласман на националниот тим.

Репрезентацијата, во однос на рангирањето од минатиот месец, напредуваше за три позиции, откако во пријателски натпревари славеше над Црна Гора, а загуби од Либан, кој благодарение на оваа победа се искачи за едно место на листата и сега е 139-ти во светот.

Инаку пред Македонија на листата се Палестина, Судан, Тајланд, Танзанија, Свазиленд, Намибија, Казахстан, Мадагаскар, Белизе, Литванија, Сирија…

Поразувачки факт за македонскиот фудбал е тој што зад Македонија од европските селекции на листата се наоѓаат само шест селекции: Луксембург, Молдавија, Малта, Лихтенштајн, Сан Марино и Андора.

Кога станува збор за Топ 10 на листата, годината прв пат во својата историја како број 1 на ФИФА листата ќе ја заврши репрезентацијата на Белгија, зад неа се Аргентина која напредуваше за едно место, Шпанија која ‘скокна’ за три позиции, Германија која назадуваше за две места и Чиле.

Меѓу најдобрите десет уште се наоѓаат и Бразил, Португалија која назадуваше за три позиции, Колумбија, Англија и Австрија.

Ohridnews