Собранието на доверители на згаснатата скопска А1 телевизија  одлучи телевизијата да биде ликвидирана преку продажба на имотот.

Ова е предлог на стечајниот управник Ацо Петров, кој од страна на собранието во средата беше едногласно поддржан. Притоа, дел од средствата добиени од продажбата на имотот на А1 телевизија ќе бидат искористени за намирување на долговите кон нејзините доверителите.

Имотот на телевизијата на Велија Рамковски е проценет на повеќе од два милиона евра. Вкупно, како доверители на телевизијата се јавиле 354 субјекти, меѓу кои покрај фирми има и новинари и актери, со вкупно побарување од 1.445.012,361 денар, а од нив признати се 62 отсто од побарувањата, наспроти 37-те проценти коишто не беа признаени.

Приговорите на вработените во А1 телевизија за нивните побарувања беа одбиени, бидејќи според стечајниот управник тие биле пресметани во побарувањата на Управата за јавни приходи и ќе бидат исплатени преку УЈП.

Голем број доверители присуствуваа на денешното собрание, а меѓу нив имаше и такви коишто си ги бараа наградите во вид туристички патување и други награди што ги добиле преку учества во забавните емисии на телевизијата.

OhridNews
извор: Makfaks