Советот за радиодифузија (СРД) на сателитската телевизија А2, и’ даде дополнителен рок од седум дена да ја усогласи емитуваната програма согласно со форматот, што е содржан во дозволата, пренесува „Макфакс“.

Мониторингот што го извршил СРД покажал дека над 90 отсто од програмата на А2 телевизија се музички спотови, а недостигале програми што исполнуваат информативна и образовна функција.

Членовите на СРД за ова лично ги информирале и стечајниот управник на ТВ А2, Ацо Петров, како и управникот на телевизијата – Тони Николовски и им укажале на законските последици од ваквата повреда на Законот за радиодифузната дејност.

„Претходно, по извршените редовни мониторинзи на програмскиот сервис на А2 во коишто беа забележани сериозни отстапувања, СРД во неколку наврати и’ укажуваше на телевизијата на обврската за придржување до програмскиот формат од дозволата“ соопштуваат од СРД.

Веднаш по ушпатените забележки А2 телевизија го промени форматот на програмата и започна со емитување емисии и вести од деск во импровизирани услови. Од телевизијата најавија дека тоа е само почеток и дека во иднина ќе следи подобрување на програмските сервиси.

OhridNews