Кошаркарите на АВ Охрид претрпеа нов пораз во регионалната Втора АБА лига, откако изгубија на гостувањето во Сплит од истоимената екипа со 92-73 (19-19, 25-18, 27-19, 21-17) во осмата рунда од шампионатот.

„Галебите“ одиграа една добра четвртина во која имаа и водство. Домаќините во финишот стигнаа до егал (19-19) после десет минути игра.

Во вториот период кошаркарите на Сплит се одлепија на шест поени (26-19), но охриѓани возвратија и не дозволија поголема негатива. Новата офанзива на домаќините пред крајот на полувреме им донесе водство од седум поени.

Во третиот квартал домаќините го одлучија победникот, откако ја добија со 27-19 и стигнаа до двоцифрена предност на семафорот. „Галебите“ во последниот квартал немаа сила за нешто повеќе и мораа да им пружат рака на противниците.

Со 21 поен најпрецизен во домашниот состав беше Павле Малинковиќ, додека кај охриѓани најефикасни беа Реми Бери со 26 и Емир Зимиќ со 23 кошеви.

OhridNews