Кошаркарите на МЗТ, во четвртото коло во АБА лигата, го забележаа вториот пораз, откако во Загреб загубија од Цедевита со 77-67. Цедевита и по четвртото коло ќе остане единствената екипа со максимален учинок.


Хрватскиот тим во текот на целиот натпревар ја имаше предноста на своја страна, а МЗТ само во неколку наврати стигнуваше до израмнување.

Македонскиот првак, во моментите кога беше во егал, немаше сила да направи предност. Клучниот период на мечот се случи од 28. до 31.минута кога Цедевита со серија 13-0 ја стекна клучната предност, која на крајот и ја донесе победата.

Хрватскиот тим во 36.минута имаше максимални 17 поени предност (70-53), МЗТ успеа да се врати стигна до негатива од седум поени, но сепак до конечен пресврт не дојде.

Ѓорѓи Чековски со 23 поени го предводеше МЗТ, додека Стефан Синовец имаше ефект од 14 поени, 5 скока и 6 асистенции.

Цедевита ја предводеше 19-годишниот центар Јусуф Нуриќ со 16 поени. МЗТ, во следното коло, на 27.октомври ќе го пречека Партизан.

„Макфакс“