Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, во сабота, на домашен терен, за
противник ќе ја имаат екипата на Унион Олимпија, натпреварот ќе се
одигра во рамките на 20-то коло во АБА лигата.

Олимпија во Скопје доаѓа на крилјата на победата во минатото коло над лидерот во АБА лигата, Игокеа.

„Во Скопје патуваме добро подготвени со мотив да прикажеме добра игра.
На нашиот прв натпревар во Љубљана, МЗТ заслужено победи, затоа ние во
Скопје ќе се обидеме да се реваншираме за поразот. МЗТ е добар тим со
одличен тренер, кој совршено добро игра во вториот дел од сезоната.
Мораме да обрнеме внимание на играта во одбраната, под самиот кош, каде
тие имаат добри и искусни кошаркари. Исто така се многу опасни од
надворешните позиции. Ние и понатаму сме во игра за пласман на завршниот
турнир и поради тоа ова гостување е многу важно за нас“,
изјавил за
клупската интернет страница (www.union.olimpija.com), тренерот Сашо Филиповски.

Олимпија во продолжението на сезона остана без најдобриот играч Арон Бејнс, кој се пресели во НБА лигата, во редовите на Сан Антонио Спарс.

МЗТ и Олимпија, во пресрет на меѓусебниот дуел, имаат идентичен однос на победи и порази 10-9. Натпреварот помеѓу македонскиот и словенечкиот првак ќе се одигра во „Борис Трајковски“, во сабота, со почеток во 21 часот.

“Макфакс“