Кошаркарите на Сплит ја забележаа десеттата победа во Втората АБА лига, откако во „Билјанини Извори“ со 108-76 (19-17, 32-18, 29-21, 28-20) го совладаа составот на АВ Охрид во 19-та рунда од првенството.

Првите десет минути од натпреварот во Охрид поминаа во егал, а гостинските кошаркари со три поени во последниот напад за нив го презедоа водството и стекнаа предност од два поени 19-17.

Вториот квартал комплетно им припадна на гостинските кошаркари во кој стекнаа двоцифрена предност на семафорот 51-39. Кошаркарите на Сплит составот на АВ Охрид го скршија со две серии, најпрво со 10-2 со која се одлепија на 27-34, а потоа со нова за плус 13 (42-29).

Хрватскиот клуб во третиот период ги разреши сите дилеми околу победникот зголемувајќи ја предноста од 13 на 24 поени. Охриѓани го изгубија здивот во третиот квартал и немаа сила да им парираат на разиграните гости од Сплит. Во последните десет минути гостите без посериозни проблеми ја задржаа предноста и ја запишаа десеттата победа сезонава.

Најпрецизен во составот на АВ Охрид беше Рос Кенет со 30 поени, Војче Лефковски поентираше 10 пати, а капитенот Антонио Донески реализираше 8. Кај гостите Кеџо уфрли 19, а Филиповиќ еден помалку.

Во следната 20-та рунда охридските кошаркари гостуваат кај тимот на Босна Ројал. 

OhridNews