Студентскиот пленум ќе биде повикан на разговор во Владата откако ќе биде изработен конечниот предлог за државниот испит, изјави  во денеска министерот за образование Абдулаќим Адеми.

Тој, коментирајќи го вчерашниот студентски протест, рече дека „секој има право да протестира“, но смета дека сè уште не е дојдено времето студентите да бидат вклучени во дебатата за новиот начин на тестирање во високото образование.

„Тоа што го кажавме претходно, кога ќе излеземе со поконкретен предлог, ќе ги повикаме сите во дебата да се вклучат и во тој период да даваат нивни размислувања, сè со цел да најдеме заедничко решение, кое во иднина ќе биде имплементирано токму од засегнатите страни. Досега не сум одржал никаков состанок околу државниот испит, затоа што сè уште не сме го презентирале јавно предлогот за државниот испит, кога ќе го презентираме сите ќе бидат вклучени во дебата, вклучувајќи ги тука и студентите“, изјави Адеми.

Тој вели дека не е точно дека министерството ќе ги избира оценувачите и дека во јавноста се шпекулира дека автономијата на универзитетите ќе биде загрозена со воведувањето на државниот испит.

„Тука е проблемот што сè уште без да биде конечното решение презентирано, во јавноста повеќе се шпекулира. Меѓутоа не треба да се реагира на шпекулации, треба да се реагира на конкретен предлог, не е точно дека министерството ќе ги избира оценувачите, тоа ќе биде надлежност на одборот за акредитација, одборот ќе биде избран од Владата, меѓутоа по предлог на универзитетите“, рече Адеми.

Адеми посочи дека предлогот за државниот испит кој е доставен до Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е по барање на ректорот на оваа високо образовна институција.

„Предлогот што го доставив до ректорот на УКИМ е по нивно барање и таму се на некој начин опишани околу 90 отсто од државниот испит, меѓутоа затоа што сè уште немаме конечна одлука на влада, јас не можев истиот предлог да го споделам и со другите, тоа беше по писмено барања на ректорот и јас одговорив на неговото барање“, додаде Адеми.

Студентите вчера доставија барање до Владата за повлекување на предлогот за државен испит. Изјавија дека и тие сакаат реформи во образованието, но не „експериментални“ и побараа и тие да бидат вклучени во новите реформи во образованието.

OhridNews

Извор: „Макфакс“