Кој, кога и како го направил пропустот ќе истражуваат службите на Средното општинско училиште „Св. Климент Охридски“ и надлежните од Министерството за образование, откако на ученичка во охридската гимназија денеска не и било дозволено да полага Државна матура оти ја немало на списокот на пријавени.
Гимназијата потврди дека се случил пропуст и изрази жалење за непријатниот настан, кој се случува во исклучително чувствителен период кога учениците од завршната година од средното образование го прават изборот за студирање и идните плановои во животот. Најавија дека ќе помогнат и ќе излезат во пресрет на ученичката.
Сакаме да потенцираме дека списоците за верификација на податоците за државна матура беа доставени на увид кај учениците уште на почетокот на второто полугодие, а потоа доставени до Државниот испитен центар. И покрај напорите на училиштето да се реши ситуацијата, сепак не се наиде на разбирање од страна на надлежните институции. На ученичката ќе и биде дозволено да ги полага двата интерни испита во училиштето во јунската испитна сесија, а тоа што останува во августовската испитна сесија. – се вели во соопштението за јавност на охридската гимназија.
Пропустот го потврдија и од Бирото за образование. Во телефонски разговор, Марјан Бошалески од Бирото за образование истакна дека треба да се утврди кој го има направено пропустот, но и дека засегнатата ученичка има право на жалба и претставка до Државниот испитен центар, затоа што не и дозволено да полага матура, со што таа е оштетена и обесправена.
Г.М.
Фото: Гимназија