Од идната година, граѓаните со платежни картички ќе можат да ги плаќаат административните такси и другите услуги кои се нудат во државните институции. Одлуката е донесена на минатата седница на Владата, со цел се избегнат турканиците и провизиите во банките и поштите во земјава.

Според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев,  услугите ќе можат да се плаќаат на шалтерите на институциите, каде ќе бидат поставени апарати за користење платежни картици. „На овој начин, граѓаните ќе заштедат добар дел од своите средства бидејќи нема да плаќаат провизии кон банките или поштите. Услугата ќе ја добијат поефикасно и поефективно со одење само на едно место. Доколку имаат платежни картички, тоа ќе може да го направат на самите шалтери на институциите, а плаќањето на сметките и  шетањето од шалтер на шалтер, ќе биде минато.“  – вели Ѓорѓиев.

Исто така, тој потенцира дека овие услуги ќе можат да се платат и преку интернет. „Граѓаните ќе треба да ги пополнат податоците и да кажат за која услуга аплицираат. Пота се врши трансфер на средства и добиваат верификационен код.  Со него, во институциите ќе докажат дека ја извршиле уплатата за услугата која ја избрале“  –  додава  Ѓорѓиев.

OhridNews