Успешната развојна градителска приказна на Адора Инженеринг преку предавање на тема „Менаџмент и лидерство за успешен бизнис, Адора Инженеринг-Скопје“ беше  презентирана од страна на генералниот директор Ванчо Чифлиганец на Летната школа 2013 „Направи разлика-стани корпоративно општествено одговорен европски лидер“, што започна денес на Економскиот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј, денес во Скопје.

Пред младите студенти од регионот, успешни економски субјекти од Македонија, претставници на државните и високообразовни институции деловни партнери и соработници, Чифлиганец направи пресек на теоријата и практиката преку примерот на Адора Инженеринг ставајќи акцент на клучот за нејзиниот 11 годишен раст и развој, потврден со првото место според успех меѓу градежните компании и 12-тото место меѓу најуспешните компании во Македонија во 2012 година.

-Откако во 2002 година одлучив да се занимавам со градежништво, ја основав  Адора Инженеринг и исклучиво се посветив на приватниот бизнис, со цел на купувачите да им понудиме поголема сигурност, поквалитетно и поекономично  домување. Мобилизирајќи го целото знаење и стручност, со постојано зголемување на бројот на вработените, нивно усовршување и примена на меѓународните стандарди, постигнавме конкурентност и препознатливост на пазарот на високоградбата. Клучот на успешното менаџирање и успешната компанија се должи на постојаниот непосреден контакт со архитектите, инженерите, мајсторите и сите вработени, со кои заедно работам во многу студено и жешко време, се соочувам со проблемите, се раѓаат идеите и мотивацијата за одење напред. Тајната на успешниот лидер е во посветената работа со љубов, упорноста, храброста да се соочи со ризиците и да изгради добар тим за работа во компанијата-потенцира проф. д-р Чифлиганец, кој својата презентација ја поткрепи со емпириски показатели на успешниот нагорен тренд на Адора Инженеринг, најзиниот развој како еколошка и општествено одговорна компанија, како и храброста за потврда на врвната асеизмика на станбените објекти со „вештачкиот земјотрес“, организиран заедно со ИЗИИС во јули годинава.

Чифлиганец на младите студенти им порача дека можат да успеат доколку имаат поголеми знаења, желба, храброст и визија тоа го преточат во практиката со посветена работа. Одговарајќи на прашања на присутните, ген. дир. на Адора Инженеринг ја потврди подготвеноста за рамноправен натпревар со странските инвеститори со работа и само работа, чии можности никогаш не се целосно исцрпени.    
                 
На отворањето на Летната школа 2013, која продолжува со работа во Охрид со  решавање на конкретни проблеми поставени од компаниите пред студентите, беа претставени винаријата Тиквеш, Битолска млекара и Капитал медиа груп Македонија.

OhridNews