Случајот Пендиков е обичен случај, кој нема политичка позадина, вели адвокатот Владо Чингоски во емисијата „Напладне“ емитувана на Охридњуз оваа седмица.
Тоа го знае целиот град, сите го знаат освен нашето обвинителство и најверојатно нашата Влада. Индикативно е заради тепачка, без оглед што не оправдувам насилство, особено ако има тешка телесна повреда, има институционални начини да се реши проблем не со тепање, меѓутоа никако не е дело од омраза и затоа што бил Бугарин. – дециден е Чингоски.
Судењето за случајот кој ги залади македонско-бугарските односи ќе почне на 28 февруари, а Чингоски се сомнева дека исходот ќе биде правен.
Не верувам дека ќе имаме правна разрешница, овде е вмешана политика и најверојатно ќе му се суди за кривично дело од омраза, макар што не смее. За ова кривично дело предвидена е казна затвор преку пет години, не е лесно кривично дело, особено што сега правоудството е под тешка политичка пресија и мора да биде осуден и тоа за ова дело за коешто се терети, без оглед што се случило. – истакна адвокатот Чингоски.
Г.М.