Аферата со присустви на канцерогената состојка афлатоксин во млекото го тресе балканот.
Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија информираше дека добила официјално известување од Управата за ветеринарство на Република Србија за повлекување од продавниците во Србија на повеќе видови на млеко од различни производители, кај кои е утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1 над дозволените граници. Зголемемено присуство на афлатоксин имало во повеќе видови млеко од млекарниците Имлек, Мегле Крагуевац, Нишка млекара, Млекара Шабац, Млекара Сомбор, Млекара Суботица.
-По добивањето на известувањето, инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш започнаа со контролите на терен (на продажните места и во магацините на увозниците), при што е утврдено дека од сите наведени видови на млеко, во Република Македонија е увезена одредена количина единствено од производот “МОЈА КРАВИЦА 2,8%ММ“, со рок на траење до 14.07.2013.4ЕН 10, од производителот ИМЛЕК Белград.-соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
Целокупната увезена количина се наоѓа во магацините на увозникот, што значи дека спорниот производ не е пуштен во промет. Инспекторите од Агенцијата зедоа мостри од наведениот производ со цел потврдување на резултатот, и со истиот ќе се постапува во зависност од лабораторискиот извештај, објаснуваат од агенцијата.
Во исто време, по извршено лабораториско испитување на млекото и млечните производи кои се увезуваат во Република Македонија, Агенцијата за храна и ветеринарство утврди зголемено присуство на афлатоксинот М1 во уште еден производ по потекло од Република Хрватска.
-Станува збор за производот “Млеко Дукат УХТ 2,8%ММ +7 витамини 1Л“, со рок на траење до 19.04.2013 година. Целата количина од овој производ (околу 2.000 литри), се наоѓа во магацинот на увозникот, односно воопшто не е пуштен во промет и истиот согласно законската процедура ќе биде уништен. Останатите производи од наведената пратка (вкупно 35) се исправни и истите ќе бидат пуштени слободно во промет.-информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Претставништвото на Дукат во Македонија, вчера соопшти дека ги повлекува од продажба сите млека од овој бренд од македонскиот пазар и покрај тоа што Агенцијата за храна и ветеринарство потврдиla дека се безбедни и здравствено исправни.
-Следната пратка од било кое од млеката на Дукат која ќе биде испорачана во продажната мрежа во Македонија, покрај сите редовни микробиолошки контроли контроли на млекото кои се спроведуваат согласно законските прописи и правилници, ќе помине и низ новиот паралелен систем за контрола присуство на афлатоксин М1 во суровото млеко, што компанијата Дукат прва во регионот дополнително ги воведува во сите свои производствени капацитети“ се вели во соопштението од хрватската компанија.
Од таму додаваат дека компанијата се одлучила на овој чекор со цел да ја поврати довербата кај потрошувачите во безбедноста на млеката Дукат.