Охридските ракометари, на гостински терен со дерби средбата против Бутел Скопје ќе ги започнат натпреварите во втората полусезона во македонската ракометна елита. Двете екипи математички имаат обезбедено учество во разигрување за титулата, но сепак императивот за победа е присутен во составот на Охрид. Мечот во Скопје се игра среда (утре) со почеток во 19 часот.

Резултатски натпреварот не е толку значаен, затоа што двете екипи ќе играме во плеј-офот но самата најава како дерби, внесува голем императив за победа во нашиот состав. Бутел Скопје е квалитетна екипа и со голем фонд на искусни ракометари. Нашата серија без пораз ќе биде ставена на голем тест и се надевам дека успешно ќе го поминеме и ќе го продолжиме низот на позитивни резултати во Супер лигата. – изјави црногорскиот голман Јагош Брауновиќ.

Брауновиќ како најголема закана ги гледа крилата на Бутел Скопје, кои, знаат да постигнат лесни голови и да го скршат отпорот на противникот.

Најголемата закана од Бутел Скопје доаѓа од крилата. Тие се полетни, знаат да повлечат контра и полу-контра. Имаат и квалитетни бекови и играат агресивна одбрана слична на нашата. Моите соиграчи во напад ќе мораат да бидат многу внимателни, да не губат и да не трошат топки и да ги завршуваат акциите. – истакна голманот.

Во период од десет дена, Охрид ќе одигра четири средби. Маратонот натпревари започнува од Скопје против Бутел, потоа следуваат мечевите со Струга и Металург во СРЦ „Билјанини Извори“ и на крај дуелот со Металург 2 на гостински терен.

Без калкулации ќе одиме на победа на сите четири натпревари. Сакаме да го освоиме првото место на табелата во Супер лигата и да најавиме голема борба за секој бод во плејофот. Одработивме добри подготовки во Охрид и мојата родна земја. Убаво беше чувството како член на Охрид и заедно со екипата да бидам во Црна Гора. Во текот на подготовките, одигравме квалитетни средби низ кои ја темпиравме формата за претстојните мечеви од Супер лигата, плејофот и Купот на Македонија. – заврши Брауновиќ.

Во првиот натпревар сезонава одигран во Охрид, „гладијаторите“ славеа триумф со 24-22. Посебен шмек на дербито ќе бидат делителите на правдата Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, кои, на последното на ЕП го судеа финалниот натпревар.

Михаил Постоловски