Изминатиот период во повеќе македонски градови беа регистрирани неколку напади од улични животни врз луѓето. Оваа појава не го одминува ниту Охрид, а последните неколку денови граѓаните се жалат дека агресивни птици напаѓаат од дрвата спроти полигонот за мали спортови, кај градинката „Јасна Ристеска“ и ОУ „Григор Прличев“.

Очевидците велат дека без никаква причина биле нападнати од агресивна птица, на самиот влез од училиштето.

Бев нападнат од гавран, кој се обиде да ме исколва со клунот. За среќа, со себе имав понесено чадор, па успеав да го оттргнам од намерата. Нареден пат, ќе поминувам од спротивната страна на улицата. За ова појава му раскажав на мој пријател,кој вели дека на овој потег имал слична случка.“ – вели наш сограѓанин.

Оние кои секојдневно поминуват оттука тврдат дека се работи за птица од видот гавран, која агресивно се однесува и ги напаѓа луѓето кои се обидуваат да влезат во училиштето. Нашиот објектив не успеа да ја долови целата ситуација, поради истата причина која ја трврдат очевидците.

Среќа што е завршена учебната година, па оттука не поминуваат деца. Птицата е најагресивна во утринските часови, а проблемот беше присутен и минатата година. За оваа појава треба да се известат надлежните институции и охридските ветеринари,  со цел да утврдат зошто птицата е агресивна и како трајно да се реши проблемот.“ – вели охриѓанец, кој секојдневно поминува на оваа локација.

Охридските ветеринари истакнуваат дека постојат повеќе причини поради кои птиците и животните манифестираат агресивно однесување.

Агресивноста на животните се манифестира на различни начини, а причини за истата можат да бидат повеќе фактори како наглите климатски промени, чувањето територија и секако човекот.“ вели Тони Танкоски, доктор по ветеринарна медицина.

Како што најавува Танкоски, во текот на утрешниот ден ќе се изврши увид на лице место, со цел да бидат утврдени причините зошто птицата е агресивна.

OhridNews