Семејството, училиштето, врсниците и медиумите- се фактори со најголемо влијание врз појавата на агресивно однесување на младите. Ова го покажало испитувањето на м- р Гордана Атанасова, член на тимот кој работи со малолетници при Центарот за социјални грижи, која во текот на учебната 2009/ 2010 година извршила испитување на ученици од сите основни училишта во општина Охрид. Со истражувањето биле опфатени вкупно 648 основци од петто до осмо одделение.


Како што објаснува м- р Атанасова, резултатите од испитувањата покажале дека преголемите очекувања од родителите, децата ги прават нервозни и фрустрирани, што потоа се манифестира преку агресија. – Причина за агресивното однесување на децата често пати е агресијата од родителите- ако тие насилно се однесуваат кон останатите членови од семејството или кон други. Самите деца го попримаат таквиот модел на однесување и понатаму го имитираат, затоа што  немале можност да научат друг модел на однесување. Дисциплинските мерки кои родителите ги превземаат врз децат исто така имаат влијание. Децата без никаква сугестија, во прашалниците, наведоа дека често се сведоци на вербални расправии меѓу родителите, престанок на комуникација, тепање, удирање по глава, шамари, клоци и боксови, вели Атанасова.

Во однос на влијанието на образовниот систем Атанасова наведува дека заклучок е дека наставниците премногу очекуваат од децата, па тие под голем притисок од родителите и наставниците стануваат фрустрирани, што подоцна преминува во агресивност.

Доколку учениците не можат слободно да го изразат своето мислење , да учествуваат во носење одлуки кои се однесуваат на нив, тие одлуката ја доживуваат како наметната па затоа се јавува отпор и отфрлање, кои повторно се вид на агресивност. Децата се и премногу оптеретени со училишни задачи, при што не се води грижа за рекреација, социјални контакти. Општ заклучок е дека во школите преовладува обрзовната функција, а изостанува воспитната, објаснува  Атанасова. Таа нагласува дека врз агресивното однесување влијае и однесувањето на врсниците. Ако одредено дете не е прифатено од нив, тогаш тоа негативно влијае врз неговото однесување.

Медиумите –  особено емисиите со насилна содржина, придонесуваат децата да не се соочуваат со реалноста, а при тоа насилството се прифаќа како нормална појава, не воочувајќи кои се последиците од таквото однесување. Истражувањата покажале дека децата треба да минуваат максимум 4 часа пред телевиизор и 2 часа играјќи на компјутер.

Сознанијата се дека дури и кога телевизорот е уклучен и се слуша во позадина може да влијае негативно врз однесувањето на децата, вели Атанасова и додава-  се додека децата сами одлучуваат колку време во денот ќе поминат пред телевиор или компјутер, наместо во природа и спортувајќи, чести ќе се појавите на асоцијалното однесување на најмладите.

Т. К.