Актуелниот англиски првак Манчестер Сити западна во резултатска криза, а во недела ги очекува градска дерби пресметка со Манчестер Јунајтед во 32-та рунда од Премиер лигата.
Серијата лоши резултати ги чинеше „граѓаните“ пад од две места на табелата и сега се наоѓаат под „црвените ѓаволи“ кои се третопласирани.
– Не зафати криза во одлучувачкиот дел од сезоната, а натпреварот со Јунајтед може да биде пресврт и одновно да се вратиме во борбата за врвот. – рече најдобриот стрелец во Сити, Серхио Агуеро.
Непосакуваните исходи во Премиер лигата се поклопуваат со постот на аргентинскиот репрезентативец, кој веќе шест натпревари нема постигнато погодок.
– Нема подобро место од Олд Трафорд за прекинување на голгетерскиот пост. Чувството кога постигнуваш погодок на гостински терен не може да се мери со ништо бидејќи тогаш домашните фанови молчат. – додаде Агуеро.
Во првиот овосезонски натпревар „граѓаните“ славеа со 1-0 во дербито токму со погодокот на Агуеро во вториот дел.
Мх.П.