Али Ахмети, лидерот на ДУИ, смета дека треба да се разгледа и да се консултира коалицискиот договор со ВМРО-ДПМНЕ, по поднесувањето на предлог законот за посебни права на бранителите, ако не бидат прифатени амандманите кои тие ќе ги поднесат за еднакви брава и на борците од ОНА, пренесува „Макфакс“.
„Таа ситуација не е разработена, ние имаме договор за коалиција за четири годишно владеење и сметам дека е принципиелно да се почитува коалицискиот договор. Сметам дека треба да се разгледа и консултира договорот”, одговори Ахмети на новинарско прашање, што ќе преземе ДУИ затоа што со предлог законот за бранителите се крши мајскиот договор за коалицијата во власта со кој е договорено да не се покренуваат прашањата за бранителите.
Инаку, претходно од неговата партија најавија дека ќе ја напуштат владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ доколку биде изгласан законот за посебните права на бранителите, ако во него не бидат вклучени и припадниците на ОНА и нивните семејства, брифираат од партијата на Али Ахмети.
Сметаат дека најавениот закон е прекршување на договорот меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ Ахмети да не се отвараат прашањата поврзани со статусот на бранителите и припадниците на ОНА.
Со изгласувањето на предложениот закон, коментираат од ДУИ, би се загрозиле меѓуетничките односи и односите во владината коалиција, што би резултирало со нивно заминување во власта и иницирање на предвремени парламентарни избори заедно со локалните напролет.
Инаку, денеска, во Американската Амбасада во Скопје, претседателот на ДУИ, Али Ахмети се сретна со заменик помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер и со амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс, каде разговарале за побрзо решавање на спорот со името, за политичките состојби, но и за политичките состојби во регионот.
Соговорниците разговораа претежно за политичките состојби во земјава и регионот со посебен акцент врз евроатлантските интегративни процеси на Македонија и регионот, информират од ДУИ.
извор:„Макфакс“