Претседателот на ДУИ во Атина ќе има средба со шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, а како што велат од партијата, средбата е во насока на продолжување на интензивната кампања за евро и евроатланските интеграции на Македонија.
„Сметам дека Македонија се наоѓа пред историски избор од два правца, интеграција или изолација. Изолацијата носи голема ранливост и неизвесна иднина за сите нас, додека интеграцијата носи безбедна иднина и ни обезбедува напредок. Јас и моите сопартијци ја одбравме интеграцијата и затоа вчера бев во Вашингтон, а денес се наоѓам во Атина и решен сум да одам секаде каде што е потребно за да се постигне оваа највисока цел и притоа ние само ја вршиме нашата работа затоа што ова претставува наша обврска“, изјавил Ахмети за „Вест“.
Ахмети е третиот член на највисокото раководство на ДУИ кој ќе се сретне со грчките државни преставници, откако истото пред него го направија Фатмир Бесими и Теута Арифи. Грчкиот премиер Андонис Самарас, пак, досега неколку пати одби и директна средба со неговиот македонски колега Никола Груевски, но и покрај ова, шефот на грчката дипломатија Венизелос најави дека во септември може да се очекува продолжување на преговорите околу решавањето на спорот за името, кое во моментов е единствената пречка за Македонија кон членството во НАТО и добивањето на датум за преговори со Европската унија.
OhridNews
извор:„Макфакс“