Граѓаните не се информирани, но ние сме поблиску од кога било за да го решиме прашањето за името, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за Алсат -М, додавајќи дека неговиот авторитет не треба да се потценува.
-Ако не можам да го решам проблемот со името, сигурно можам дополнително да ја комплицирам ситуацијата.Ако треба ќе се затвориме во една соба и нема да излегуваме без да го решиме ова прашање. Проблемот мора да се реши до декември, но прво мора да се подготви македонската јавност. Во спротивно, Македонија ќе биде изолирана, ќе нема пари од европските фондови, луѓето ќе бараат пасоши од Бугарија, Албанија, а ние ќе имаме стари 85 годишни гласачи, вели Ахмети во интервјуто.Тој додава дека не работи никому зад грб, а неговите посети во Вашингтон и Брисел не биле туристички. “Ако Фуле е директор на музеј, и ако Белата Куќа е музеј тогаш да, и моите патувања беа туристички,вели Ахмети. На прашањето, дали во автомобилот во кој се со Груевски, премиерот врти накај исток а тој накај запад, лидерот на ДУИ вели дека тие не се во автомобил, туку во авион што ќе слета во Брисел!
Укажува и дека во овие преговори не се чепка идентитетот и јазикот, туку само името и тоа за надворешна употреба.
За ВМРО ДПМНЕ, овие изјави се резултат на двојната игра на Грција.
-Не е првпат нам да ни кажуваат едно, а на друг друго, односно дека проблемот е лесно решлив. И порано Грција на странски соговорници им го кажувала тоа, а нам ни давала предлози под секое достоинство, вели Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ.
Претседателот на Либералите, пак, смета дека изјавите на Ахмети се корисни, но не и случајни.
-Ништо не е случајно, а и ако е случајно, е добро испланирано, вели Ивон Величковски. Тој смета дека јавноста мора да се соочи со тоа дека можност за решение постои, а од тоа дали сугестиите на Ахмети ќе бидат прифатени , ќе се види и зрелоста на неговиот коалиционен партнер.Ахмети неодамна беше во посета на неколку западни земји, од каде изјавуваше дека посетите се со знаење на Груевски и се обид да се реши прашањето за името.
Извор:„Телма“