Кај два производи потврдено е присуство на бактеријата листерија од која во изминатите 30-тина денови починаа четири лица. Станува збор за колбаси на две домашни компании од месната индустрија, јавува „Макфакс“.
До сега се испитани околу 200 мостри земени од храна за утврдување на присуство на смртоносната бактерија, а две од нив биле позитивни на листерија, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски.
„Во изминатите неколку денови однесовме над 300 мостри во Институтот за храна при Факултетот за ветеринарна медицина и исто толкав број во Институтот за јавно здравје. До сега имаме резултат од околу 134 мостри од ИЈЗ и околу 54 од Факултетот за ветеринарна медицина. Од нив имаме две позитивни мостри. Но тоа не значи дека се поврзани со хуманите случаи на листериоза“, рече Рунтевски.
Присуство на бактеријата било утврдено во колбаси на две домашни компании од месната индустрија. Следен чекор е генетска типизација на мострите и до среда попладне ќе биде познато дали колбасите ја предизвикале листериозата кај пациентите.
Контролите на АХВ во соработка со Државниот здравствен и санитарен инспекторат продолжуваат во следниот период.
Последниот случај на заразен со листерија е 48-годишен Тетовец, чија состојба, како што информираше директорот на Инфективната клиника Звонко Миленковиќ, е стабилна.
Рунтевски рече дека се земени мостри од животните што ги одгледувал пациентот, од млекото како и брисеви од кујната каде што пациентот се хранел и се чекаат резултатите од испитувањето.
До сега осум лица се заразија со бактеријата, од кои четири починаа.
OhridNews
извор:„Макфакс“