Поради зголемување на увозот на овошје и зеленчук во земјава Агенцијата за храна и ветеринарство деновиве ги засили инспекциските контроли на граничните премини. Како што информираа од агенцијата, инспекциските контроли се спроведуваат на сите гранични премини и за секоја пратка, независно од земјата на потекло.

Во интерес на заштита на здравјето на потрошувачите, покрај засилените инспекциски контроли, Агенцијата за храна и ветеринарство го зголеми и бројот на мостри за лабораториско испитување на безбедноста на овошјето и зеленчукот кои се увезуваат во Република Македонија. Ваквата пракса, во интерес на безбедноста и здравјето на граѓаните ќе продолжи и во иднина.

-Зголемениот број на пратки кои се увезуваат во земјава нужно бара и повеќе време за вршење на инспекциските контроли и за земање на мостри за лабораториско испитување на овошјето и зеленчукот. Секоја пратка, вклучително и овошјето и зеленчукот, по добивањето на уреден резултат од лабораториското испитување со кое се потврдува безбедноста, без никаков застој веднаш се пласира на пазарот во Република Македонија, стои во соопштението на АХВ.

Во него се потенцира дека со цел да се спречи увоз на небезбедни производи на домашниот пазар и да го заштити здравјето на потрошувачите во Република Македонија, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во изминатиов период забраниле увоз на неколку пратки со овошје и зеленчук кај кои со лабораториско испитување беше констатирано зголемено присуство на пестициди над максимално дозволените концентрации. Направена е анализа на ризик врз основа на добиените резултати од лабараториските испитувања на увозни пратки овошје и зеленчук кај кои се констатирани недоследности, врз основа на што се зајакнати контролите при увоз.

OhridNews