Во текот на 2013 година во општините Охрид и Дебарца евидентирани биле три одгледувалишта со позитивни случаи на бруцелоза кај овци и кози. Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека во позитивните одгледувалишта биле применети мерки согласно Програмата за сузбивање и искоренување на бруцелозата кај овци и кози, односно одземени биле и заклани сите позитивни грла, а во едно одгледувалиште била извршена и целосна депополуација на стадото.
– Во текот на минатата година во одгледувалиштата каде што беа евидентирани позитивни случаи на бруцелоза кај овци и кози спроведени се редовни ретестирања согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните, велат од АХВ.
Оттаму со препорака да не се консумира свежо (младо) сирење произведено од непастеризирано млеко поради опасноста од заболување од патогени бактерии кои евентуално можат да се најдат во млекото, како и поради опасност од заразување со бруцелоза. Потенцираат дека доколку станува збор за традиционално производство на сирење од непастеризирано млеко истото треба да ферментира најмалку 3 месеци пред да се користи во исхраната.
– При продажба на ваков традиционален производ, сирењето произведено од непастеризирано млеко, согласно Правилникот за директно снабдување од страна на примарни производители до крајни потрошувачи или до локалните малопродажни трговци кои директно го снабдуваат крајниот потрошувач, задолжително мора да биде деклариран, велат од АХВ.
Од агенцијата информираат дека покрај редовните контроли согласно Годишниот план се вршат и вонредни контроли во производствените и во малопродажните објекти (маркети и специјализирани продавници за млечни производи).
Во однос на доставувањето на сурово млеко од страна на фармерите до крајните потрошувачи, фармерите имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за храна и ветеринарство. Контролата на фармерите односно на примарните производители се врши согласно Годишната наредба за контрола на туберкулоза и бруцелоза и тоа два пати во текот на годината. Се контролира присуството на резидуи и контаминенти (антибиотик, тешки метали и т.н). Покрај редовните, се вршат и контроли базирани на анализа на ризик.
Во рамки на засилените контроли на безбедноста на домашното млеко, по појавата на афлатоксин М1 во увозното млеко, од минатата година на сила е и мерката за задолжително испитување на присуство на афлатоксинот М1 во домашното сурово млеко. Обврска за испитување два пати месечно имаат сите млекарници во државава, а производството на млеко е под постојан мониторинг и на Агенцијата за храна и ветеринарство, преку спроведување на Националниот мониторинг план за контрола на резидуи од ветеринарно медицински препарати и контаминенти кај живите животни и производите од животинско потекло во Република Македонија, кој е одобрен од Европската Комисија. Во текот на целата година се земаат мостри кои ја гарантираат исправноста на млекото.Во досегашните резултати од лабораториските испитувања од спроведениот Национален мониторинг план, не се евидентирани отстапувања при извршените испитувања за присуство на афлатоксин во суровото млеко, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Т.К.