Запленети и уништени 1.000 килограми пилешки желудник од месарници во Охрид и Струга од страна на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) чиј увоз и употреба за човечка исхрана се забранети. Уништени се и дополнителни 55 килограми подготовки од месо во кои бил употребен овој производ.

Против двете месарници кои не ја почитувале забраната се преземени соодветни прекршочни мерки. Контролите се дел од засилените инспекциски активности насочени кон спречување на нелегалниот промет со пилешки желудник, сузбивање на злоупотребите и заштита на здравјето на потрошувачите, информираат од АХВ

Агенцијата во јули 2024 година донела решение со кое се забранува увозот и употребата на пилешки желудник наменет за човечка исхрана, вклучително и неговото користење во производството на месни подготовки и производи.

Одлуката била донесена по спроведена анализа на ризик, при која биле утврдени потенцијални опасности поврзани со консумирањето на овој вид внатрешни органи од живина. Меѓу ризиците се наведуваат можна контаминација со патогени бактерии и вируси, како и присуство на токсини. Од АХВ посочуваат дека претходните инспекциски контроли откриле и случаи на злоупотреба и измама на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии.

Речиси 70 тони небезбедна храна се уништени во земјава во првите осум месеци од годинава

Во истиот период, надлежните институции забраниле увоз на повеќе од 21 тон храна од неживотинско потекло, додека во земјите на потекло биле вратени пратки со над 122 тони производи од животинско потекло. Овие податоци беа соопштени вчера на настанот организиран од Општина Кисела Вода, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Инстититутот за јавно здравје по повод одбележувањето на 16 Октомври Светски ден на храната.

Од јануари до август 2026 година биле спроведени вкупно 74.838 инспекциски надзори во домашниот промет и при увозот на храна, соопшти директорот на АХВ, Оливер Миланов.

Во рамки на контролите уништени се 69.776 килограми небезбедна храна, а увозот на дополнителни 21.105 килограми храна од неживотинско потекло бил забранет. Во земјите на потекло биле вратени и пратки со вкупна тежина од 122.602 килограми храна од животинско потекло. Во истиот период, преку Одделението за заштита на потрошувачите биле поднесени повеќе од илјада иницијативи од физички и правни лица за спроведување инспекциски надзор. Најголем дел од нив се однесувале на областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните, истакна Миланов.

Безбедноста на храната, потенцира е клучна за заштитата на здравјето на граѓаните и довербата на потрошувачите. Тој посочи дека работата на АХВ не се сведува само на откривање неправилности, туку опфаќа и превентивни активности, едукација и соработка со производителите, операторите со храна и другите надлежни институции. Контролите се спроведуваат во домашниот промет и при увозот, со цел навремено откривање и отстранување на ризиците по здравјето на луѓето.

Безбедноста на храната е заедничка одговорност, потребни се доследни контроли, почитување на законските обврски и координација меѓу институциите за заштита на потрошувачите, додаде Миланов.

Македонските граѓани според Миланов јадат безбедна храна. Казните за несовесните оператори се ниски и со законските измени кои веќе се изготвуваат, е предвидено да бидат двојно зголемени.

Агенцијата најавува продолжување на засилените контроли со цел почитување на забраната и обезбедување безбедна храна за граѓаните.

Н.С.Ј.