Во време кога образованието, хуманоста и креативноста се неопходни темели на едно здраво општество, Уметничко-eдукативната aкадемија СЈАЈ – Охрид ја започнува својата мисија со јасна цел – да создаде простор во кој децата и возрасните ќе учат, создаваат и ќе ја споделуваат светлината на знаењето и добрината.

На 15 ноември 2025 година, Академијата СЈАЈ – Охрид официјално го доби решението за работа и е запишана во Централниот регистар на Република Северна Македонија под ЕМБС 7876750, со што стана дел од мрежата на активни граѓански организации кои работат за унапредување на образовните, културните и хуманитарните вредности во заедницата.

Мисија и визија

Мисијата на Академијата е да ги поттикнува креативните, едукативните и хуманитарните активности како основа за личен и заеднички развој.

Визијата е да се создаде заедница на инспирација и поддршка, каде секое дете и секој возрасен ќе има можност да го пронајде својот потенцијал и да придонесе за подобро и посветло општество.

Мотото на Академијата „Заедно продолжуваме да светиме“ ја симболизира оваа посветеност кон заеднички раст и развој.

Прв едукативен настан на Академијата СЈАЈ – Охрид

Првата едукативна работилница во организација на Академијата СЈАЈ – Охрид во соработка со Здружението „Образовни мостови на Балканот“ ќе се одржи на 1 и 2 ноември 2025 година.

Работилницата, со наслов „Помогни ми да направам сам“ ќе биде реализирана во просториите на Smiley Kids Centar – Охрид, центар кој овозможува безбедна, топла и мотивирачка средина за деца од прво до петто одделение.

Сите заинтересирани кои сакаат да бидат дел од работилницата може да се обратат на меил адресата: [email protected] и на телефонскиот број: 070 352 432.

Едукатор со долгогодишно искуство и меѓународен кредибилитет

Обуката ќе ја реализира Љиљана Рељич, Монтесори воспитувач од Шабац, Република Србија, експерт со долгогодишно искуство во полето на современи образовни пристапи и работа со деца.

Нејзината програма „Помогни ми да направам сам“ е одобрена од Центарот за стручно усовршување – Шабац за наредните четири учебни години, и прифатена од Бирото за развој на образованието на Република Северна Македонија (БРО).

Цел на работилницата

Работилницата има за цел унапредување на квалитетот на детското учење и развој, преку примената на рачно изработени дидактички материјали и нагледни средства, кои го поттикнуваат детето на активно, истражувачко и самостојно учење.

Преку овој проект, Академијата СЈАЈ потврдува дека инвестицијата во образованието и во детската креативност е највредната инвестиција во иднината.

Порака од Академијата СЈАЈ – Охрид

Веруваме дека секој човек носи сјај во себе. Наша улога е да го разбудиме, да го поттикнеме и да му дадеме насока, вели претседателката на Академијата СЈАЈ – Охрид, Анета Јованоска.

Со оваа прва едукативна работилница, започнуваме патување кон создавање генерации кои мислат, создаваат и делуваат со љубов, знаење и светлина, потенцира Јованоска.

OhridNews