Балканската елита на научници на мултикултурализмот на работната средба што се одржа во Белград, Република Србија, постигна договор за формирање на Мрежа за истражувања на прашањата на етницитетите на Балканот.

Мрежата ја сочинуваат Институтот за општествени истражувања од Белград, Центарот за меѓународни и безбедносни студии при Факултетот за политички науки од Загреб, Институтот за етнички истражувања од Љубјана, Факултетот за политички студии од Сараево, Факултетот за политички науки од Подгорица и Институтот за општествени и хуманистички истражувања при Универзитетот „Евро-Балкан“ од Скопје.

– Воспоставувањето на мрежата на научно-истражувачките институции (универзитети, факултети, институти, проекти), во областа на општествените науки, ќе придонесат да се промени проблемот во врска со соработката, да се надмине и да се направи темелна основа за спроведување на сложените истражувања, да се поттикне размената на знаењата, да се посвети вниманието спрема развојот на кадрите со сензибилитет и знаења што се однесуваат на специфичностите на регионот – нагласува еден од иницијаторите, професрор д-р Рубин Земон, од Институтот за општествени и хуманистички истражувања при Универзитетот „Евро-Балкан“ од Скопје.

Д-р Земон смета дека раскинатите научни врски помеѓу универзитетските и научните центри во регионот, особено на просторот на поранешната Југославија, се обновуваат со големи напори. Од друга страна, расте потребата за согледување на состојбата во регионот исклучиво врз фактите, научно верификуваните податоци и промислените знаења, што е насушна потреба како за поттикнување на научната мисла, така и за воспоставувањето на регионалната соработка и стабилност. 

Една од целите на Мрежата ќе биде воспоставување на  инфраструктура и кадри кои ќе предлагаат, осмислуваат и реализираат проекти во врска со економските, политичките, општествените, правните, демографските и другите прашања од значење за стабилноста, сигурноста и развојот на регионот и поедините негови делови. Исто така, задача на Мрежата, ќе биде доставување на податоци, анализи и други документи на носителите на одлуки за време на носењето на стратешки одлуки и развивање на национални и регионални јавни политики.

OhridNews