ЈП Охридски Комуналец започнува со месечните акции за собирање на текстилен отпад коишто ќе се спроведуваат секој последен петок од месецот.
Овој петок, 30 јануари, ќе имате можност уредно да ја одложите старата облека во контејнерите на Тексомак коишто се поставени на локациите: задниот двор на Охрид Мол, дворот на Гимназијата, Економското училиште и ОЕМУЦ, дворовите на основните училишта „Григор Прличев”, „Св. Наум Охридски”-Пештани и „Ванчо Николески”-Лескоец. Запомнете дека одлагањето во дворовите на основните и средните училишта ќе биде возможно во рамките на работното време. Не се одлагаат стари обувки, чанти, итн., посочуваат од претпријатието.
Додаваат дека текстилниот отпад е еден од најбрзорастечките видови отпад денес, а само околу 12% од целиот текстилен отпад се рециклира.
Облеката што ја носиме сè пократко најчесто завршува на депонии и ѓубриштата, наместо повторно да се користи. Таму, текстилот се распаѓа многу бавно (до 200 години за синтетичките материјали), при што ослободува метан, гас што придонесува за климатските промени, како и исцедок што ја загадува почвата и подземните води со токсични материи. Синтетичките материјали како полиестерот кои се околу 60% во секое парче облека денес, дополнително ослободуваат микропластика која завршува во водата и храната. Производството на облека троши огромни количини вода, енергија и суровини, истакнуваат од ЈП Охридски Комуналец.
Потенцираат дека со селекција, донирање и повторна употреба на текстилот се штедат ресурси, се намалува загадувањето и се придонесува за циркуларна економија.
OhridNews













