Со новиот предлог закон на Владата невработените граѓани кои нема да најдат работа до 12 месеци ќе добиваат понуди за работно место според нивното соодветно образование, пренесува „Макфакс“.
Тие што ќе останат невработените повеќе од 12 до 24 месеци, ќе добиваат понуди за погодно вработување, односно за еден степен пониско образование, додека невработени повеќе од две години ќе мора да прифатат каква и да е работа, или ќе бидат избришани од евиденцијата во Заводите за вработување.
Со новиот предлог закон, Владата може да понуди и работно место на оддалеченост до 250 километри од местото на живеење, односно до два часа возење со јавен превоз.
„Ниту со фризирани податоци не можете да покажете дека оваа власт успешно работи на намалување на невработеноста и во услови на криза. Затоа вие сакате по законска основа да ги избришете, но реалноста останува иста“, рече пратеничката од СДСМ, Цветанка Иванова.
Весна Бендевска, пратеничка од СДСМ праша дали несоодветно вработување значи само помал степен на образование?
„Ќе добие понуда на работа на оддалеченост до два часа возење. Па толку е Македонија! А што е тоа друго вработување, ако одбиеш соодветно и погодно? Тоа е какво било вработување! Го одбиваш? Толку е! Со здравје да си го носиш“, изјави Бендевска.
Според минстерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, Македонија според Светската банка е земја со ниска стапка на бришење од евиденцијата.
„Не е работата да ги стигнеме, туку да се бориме против невработеноста. Овие измени за законот за вработување ќе овозможат разграничување меѓу оние кои активно бараат работа и оние кои се пријавуваат во Агенциите само заради одредени бенефиции“.
Според Ристовски, тоа е во согласност со европските директиви и со сугестиите на ММФ и на Светска банка.
извор:„Макфакс“