Доколку се намалат кражбите и сопствениците на отпадите кои вршат откуп на старо железо ја дисциплинираат својата работа, можно е  да биде симната Забраната за откуп на старо железо, што стапи на сила неодамна.

-Забраната за вршење внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг ќе се укине кога ќе се видат резултатите од мерките што Министерството за животна средина и просторно планирање ги предложи до Владата, со кои треба да се намалат кражбите на предмети од јавен интерес, изјави вчера министерот за животна средина и просторно планирање, Абдулаќим Адеми.

Тој посочи дека на последниот Економски совет дискутирале за предложените мерки за кои, ќе се дискутира и на новата седница на Владата.

МЖСПП по барање на Асоцијацијата на секундарни суровини при Стопанската комора на Македонија предложи построг надзор од државните институции, не само од државниот инспекторат за животна средина, туку од сите инспекторати, за поригорозни мерки околу добивање на дозвола за работа на отпад.

-Се предлага при аплицирањето, сопствениците на отпадот да имаат банкарска гаранација за добивање дозвола за откупување отпад, со цел доколку се нанесе некоја штета на јавниот интерес Министерството да може да ја надокнади од тој фонд. За добивање дозвола за откуп на секундарен отпад, ресорното Министерство ќе предвиди и локациски услови, на кои површини треба да биде отпадот, 24 часовен видео надзор и посебни локации на кои ќе се товараат камионите за извоз, а исплата за  отпадот, да се врши исклучиво преку трансакциска сметка, ги појасни Адеми, предложените мерки.

OhridNews