Деновиве активистите на „Анималиа“ заедно со двајца припадници на противпожарната единица од Охрид, успешно ја изведоа акцијата за спас на малечко маче, заглавено во непристапните густи грмушки на булеварот „Туристичка“.

Како што велат двете активстки на ова неформално охридско здружение за заштита, помош и вдомување на животни, благодарение на професионалноста покажана од охридските пожарникари, младото животно неповредено е извадено и однесено на безбедно место, каде што чека вдомување во нечиј дом кај хуманите граѓани.

По враќањето од состанокот за официјално регистрирање на нашето здружение, една од нашите активистки го слушна мјаукањето од бодликавата грмушка која се наоѓа на средината од булеварот „Туристичка“ во непосредна близина на охридскиот пазар. Продавачите од околните дуќани не информираа дека мачето тука било заглавено неколку часови и дека никој не се обидел да му помогне. 40-тина минути залудно се трудевме да помогнеме, а животинчето беше доста исплашено што дополнително ја забави постапката за негово спасување.“ – велат Маринела Ангелеска и Сања Симоновиќ, активистки на единственото неформално Здружение за заштита, помош и вдомување на животни во Охрид, „Анималиа“.

Во акцијата се впуштиле и двајца хумани граѓани, но поради непристапноста и густите боцки од растенијата, двете наши сограѓанки побарале професионална помош од охридските пожарникари.

После 40-тина минути решивме дека е време да побараме професионална помош од пожарникарите. Единицата се наоѓа во близина, а нивните екипи имаат опрема со која може да се продре до непристапните грмушки. Кога пристигнавме кај нив, ја објаснивме целата ситуација, па надредените испратија двајца од нивните колеги за да ни помогнат. Акцијата траеше околу петнаесет минути, а сакаме да изразиме огромна благодарност до ПП Охрид, без чие залагање немаше да успееме. Мачето кое е машко и чека вдомување во нечиј дом, е нахрането и однесено на безбедно место.“ – истакнуваат нашите сограѓанки.

Овие денови, четирите активистки на „Анималиа“ со помош на хуманите граѓани и без никаква поддршка од институциите, официјално ќе постанат прво охридско здружение за заштита, помош и вдомување на животните, по примерот на другите градови ширум земјава.

Подадени се сите документи кои беа потребни за официјално да се регистрираме како здружение. Сакаме да упатиме една порака до нашите сограѓани, да не ги напуштаат своите миленичина, а доколку тоа мора да го направат, да го известат здружението. Некому му било лесно да го фрли мачето во грмушката, но нас ни беа потребни повеќе од два часа за да го спасеме. Апелираме до охриѓани да се грижат за животните, бидејќи и тие се дел од овој свет. И тие имаат чувства и се жедни за љубов и разбирање. И најмал гест, најмало канче со вода, најмало парче храна, може да спаси живот на тие кревки и невини суштества.“ – потенцираат Ангелеска и Симоновиќ.

Инаку, сите хумани луѓе кои се заинтересирани да им помогнат на овие охридските ентузијасти, можат да ги исконтактираат на групата „Анималиа“, на социјалната мрежа Фејсбук.

Млади охриѓанки во борба за спас и вдомување на уличните животни

O.T.

Млади охриѓанки во борба за спас и вдомување на уличните животни