Во идниот период во Охрид, ќе продолжат активностите на надлежнте служби за замена на дрворедите од неколку улици низ строгиот охридски центар. Оваа акција, која пред неколку години се спроведе на улицата „Димитар Влахов“ и наиде на жесток отпор и реакција од граѓаните, повторно ги подели мислењата на охриѓани.

Едни сметаат дека со отстранување на децениски старите липи, ќе се зголеми безбедноста на граѓаните кои секојдневно поминуваат по фрекфентните улици низ централното градско подрачје.

Пред неколку денови, голема гранка падна на коловозот од улицата „Партизанска“. Среќа што тоа се случи во раните утрински часови, кога и скоро никој да нема по патиштата. Веројатно дрвата се стари и трули и според мене потребна е нивна замена. Потребни се нови кои нема да ги оштетуваат тротоарите и велосипедските патеки.“ – велат охриѓани.

Со сличен став се и од „Паркови и зеленило“, кои потенцираат дека липите од поодамна ја имаат надминато физиолошката старост и претставуваат потенцијална опасност не само за минувачите, туку и за сообраќајот и околните објекти.

Пред три години имаше јавна расправа за дрворедите на која беа поканети сите граѓани, медиуми и еко-здруженија. Беа изнесени сите факти за потребата од сечење на постоечките дрвореди и замена со други, нови декоративни садници. Акцијата е иницирана од Секторот за заштита на животната средина и управување со отпад.“ – вели Трајан Љаткоски, раководител на „Паркови и зеленило“.

Други со дијаметрално спротивни ставови, потенцирајќи дека градот се соочува со недостиг од зелени површини, барајќи од надлежните повторно да организираат јавна расправа, со цел да ги слушнат мислењата на независните експерти и самите граѓани.

Овие акции се тотална деструкција во Охрид. И оние малку зелени површини кои остануваат, веќе ги нема. Колку ќе се чека на таа реконструкција, колку време градот ќе остане без дрвореди? Барем во летниот период, истите тие дрва не штитат од пеколните горештини. Не може туку така, некој да дојде и да почне да ги сече дрвата. Сведоци бевме на вакви слични акции кои му се случија на главниот град.“ – велат револтирани охриѓани.

Пред неколку години, поради сечата на децениските липи од улицата „Димитар Влахов“, по социјалните мрежи се водеше жестока дебата, а локалното Супер радио  ја отпочна акцијата „Спас за дрвјата во центарот на Охрид.

Инаку, во рамките на тогашниот проект беа отстранети 53 садници липа од улицата „Димитар Влахов“, на чие место беа засадени 80 садници„Лигуструм“.

О.Т.