Четири тима од клубовите „Акватика јахтинг“ од Охрид и „Снегар“ од Струга се дел од обуката „Клиника за едрење“  за олимписка класа на едрилици 470, која се одржува во Солун, Грција, од 8 до 15 мај.

Од Едриличарската федерација на Македонија велат дека во екипите има по двајца едриличар(к)и, а искуството кое ќе го стекнат младите едриличари, но и тренерот кој е со нив е од огромно значење за подинување на едрењето на едно повиско ниво.

Целта на оваа обука е унапредување на едрењето во земји каде што се уште едрењето не е развиено на европски и светски нивоа. Оваа обука е многу корисна за младите едриличари, бидејќи тренираат со професионални олимписки тренери. Присутен има таму и наш тренер кој исто така работи со тренерите во својот дел. Ова е една огромна можност, огромно искуство и младите спортисти и тренерот да работат со тренери од олимписка категорија, кои имаат искуство зад себе со учество на нивни натпреварувачи на олимпијади. За едрењето во Македонија ова е уште еден чекор напред, велат од Федерацијата.

Се надеваме, додаваат од Федерацијата, во иднина дека некој од овие млади кои се дел од обуката ќе покаже доволно голем талент и ќе учествува на некоја олимпијада.

Многу сме среќни што ја имаме оваа можност и шанса да присуствуваме на Клиниката 470. Добиваме знаење и искуство од класата 470 и најдобрите светски тренери, вели тренерот Петар Паунче.

Децата кои се дел од обуката се одушевени од организацијата, пристапот, квалитетот, учењето, од се то што се случува таму, а меѓу нив и Евгенија Огненова која оваа обука ја гледа како многу голема можност за стекнување на значајно искуство.

Оваа Клиника ќе ми помогне многу во мојата идна едриличарска кариера. Научив многу овие изминати денови и знаењето ќе го користам во иднина, вели Огненова.

Од Едриличарската федерација на Македонија потенцираат дека и оваа обука, како и низа настани кои се планираат во идина ќе бидат насочени кон издигнување на едрењето на едно повисоко ниво, додавајќи дека од оваа година Македонија е рамноправна членка во сите релевантни тела за едрењето за олимписките класи.

Н.С.Ј.