Еден од наголемите проблеми на денешницата со кој се соочуваат младите ширум светот е несомнено нивниот неправилен раст и развој. Современиот начин на живот, долгите часови поминати во училишните клупи, недоволната физичка активност и слабо развиената мускулатура, се вбројуваат во причините поради кои голем дел од децата страдаат од некакви деформитети.

Како што сметаат стручните лица, овој проблем може да има сериозни последици не само по здравјето на младата популација, туку и врз целото општество.

Седум часа на училиште, три сати дополнително приватни часови, три часа на фејсбук или пред телевизор, саат време пишување домашни задачи. Тоа е голем терет кој мускулатурата не може да го издржи. Децата зафаќаат положба која е поедноставна за да се одморат, а истата може да предизвика искривување и тогаш се јавува проблемот.“ – вели Јован Каланоски, дипломиран кинезитерапевт од студиото „Кинезио“.

Оддамна ја нема глетката на деца кои играат пред своите улици

Иако многумина причините ги гледаат само во тешките училишни чанти и долгото седење пред компјутер, голем удел во оваа негативна појава има недостатокот на спортски активности.

Денеска сите причните ги бараат во компјутерите, тешките чанти, неправилното седење во клупите или пред компјутер. Тоа е точно, но има поголем фактор поради кој децата се искривуваат.  До 14-15 години рбетниот столб е мек, коските не се оформени и зацврстени и многу лесно доаѓа до искривување. Мускулатурата е слаба поради недостаток од спортски активности, било да се работи за фудбал, кошарка, ракомет или карате, кои придонесуваат за зацврстување на телото. Дечињата кои тренираат некаков спорт можат да имаат проблеми, но го држат телото исправено.“ – додава Каланоски.

Повеќе од 70 отсто од децата на 11 годишна возраст имаат деформитети

Како што објаснува Каланоски, деформитетите кои не се вродени се јавуваат уште на осум годишна возраст, кога децата активно се вклучуваат во обрзовниот процес.

Седат пред компјутер, на училиште се поактивни, се запишуваат дополнително на приватни часови и веќе на седум годишна возраст на рбетот му даваат терет. После година-две, се јавуваат деформитетите. Во минатите години, кога правевме прегледи по основните училишта, се соочивме со алармантен податок кој покажа дека повеќе од 70 отсто од децата на 11-годишна возраст, имаат проблеми со грбот, нозете или други делови од телото.“ – објаснува Каланоски.

Младите имаат шанса за корекција

Стручните лица велат дека постои можност за корекција на евентуални деформитети, кои се јавуваат кај децата од 10 до 13 годишна возраст.

Од 14-17 години корекцијата е тешка и би имала ефект од околу пет отсто, бидејќи на таа возраст се формира скелетот на телото. Но ако работиме со деца на 10-12 годишна возраст, може да се корегираат многу деформитети. Зависно од тоа, со некои се работи пет месеци, на некое дете ќе му треба година, на друго две. Решението е во корективната гимнастика, детски пилатес и разни вежби за телото, додека заштитата пред да се јават овие проблеми, лежи во спортските активности.“ – вели Каланоски.

Проект за навремено откривање на деформитети кај децата?!

Во текот на изминатите две години, резултатите од стручните прегледи на основците во градот извршени во рамки на проектот за навремено откривање на деформитетите кај децата поддржан од локалната самоуправа, покажа дека драстично се зголемува бројот на деца кои имаат проблеми со мускулно скелетниот систем.

Во 2012 година, околу 68 отсто од децата имаа некаков деформитет. 2013 година процентот беше поголем за седум-осум. Во 2014 се уште немаме поддржан проект. Се надевам дека наскоро повторно ќе го активираме проектот, за да можеме да ја утврдиме состојбата кај новите генерации. Се надеваме дека ќе продолжи соработката со општина Охрид и дека ќе ни излезе во пресрет не само нам, туку и на сите загрижени родители. Доколку проектот не биде поддржан, јас лично ќе се ангажирам да ги прегледам дечињата од Охрид.“ – вели Каланоски.

Стручни совети во студио „Кинезио“

Пред се, јас би го советувал секој родител кој сака и има време, да дојде во студиото Кинезио. Ќе дадам совет како да постапат со детето во иднина. Морам да напоменам дека веќе пет години успешно работиме и имаме одлични резултатит кај младите охриѓанчиња.“ – завршува Каланоски.

O.T.