Три децении стариот колекторски систем на Охридското Езеро е во катастрофална состојба. Излевање на непречистени води во езерото има на повеќе места, особено при поголеми врнежи. Во двете физибилити студии што ги изготви јапонската владина агенција „Џајка“ се наведува дека на колекторскиот систем на Охридското Езеро итно му е потребна реконструкција и надградба. 

-На одредени места има комплетна дезинтеграција и инфилтрација како што покажуваат анализите на големи количества атмосферска вода во системот за време на поројните дождови, што дополнително го оптоварува и така неадекватниот систем за одведување на води и доведува до излевање на канализациони мешани води надвор од системот, што за нас претставува аларм за кој одамна е запалено црвеното светло. – изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Најкритична состојбата е кај пумпната станица во Подмоље која треба да ги спроведува фекалните води од околните населени места до пречистителната станица во Враништа. Наместо во системот тие истекуваат во езерото. 

-Сега сета смрдеа во езеро влегува. Си одеше водата во пречистителната станица во Враништа, никогаш ова не било, ова е срамота, сета гнасотија во езеро влегува овде. – вели граѓанин со кого поразговаравме во Подмоље.

Општина Охрид за проблемот ги алармирала сите надлежни институции во земјата, а ги известила и релевантните меѓународни фактори. Според најавите засега обезбедени се средства за ревиталиација и надградба само на дел од колекторската мрежа.

-Ние успеавме преку владата, односно министерството за животна средина да обезбедиме средства за дел од предвидената реконструкција на колекторскиот систем, пред се на пречистителната станица во Враништа. Проектот го координира министерството за животна средина и чини околу 10 милиони евра. Дополнително како Југозападен плански регион обезбедивме комплетна проектна документација за изградба на фекална канализациона мрежа во село Трпејца заедно со пречистителна станица, која што успеавме да ја вметнеме во програмата на министерството за животна средина и просторно планирање. Тука влегува и надградба на колекторскиот систем од населбата Елен камен до село Радожда со пречиститечна станица во Радожда. – информира градоначалникот Бакрачески.

Но, за целосна санација на колекторот според проценките на јапонските експерти ќе бидат потребни 54 милиони евра, пари кои општините Охрид и Струга не можат сами да ги обезбедат. Оттаму тие очекуваат поголема помош од државата, но и од меѓународни донатори за санација и доизградба на колеторскиот систем и на македонска и на албанска страна од езерото.

– Се надевам дека со исти такви активности ќе бидеме пратени и од албанската страна конечно, бидејќи езерото е единствен систем. Нас не ни вреди ништо ако вложуваме ние во обнова на колекторскиот систем во Охрид и Струга на македонска страна, а не се следи истото со такви реконструктивни зафати на албанската страна, бидејќи Охридското Езеро е еден еко систем кој е неделив и мора така да ги гледаме работите и така да настапуваме. – вели Бакрачески. Охридското Езеро е светско културно наследство кое припаѓа на целиот свет и како такво треба да бидат сеопфатни напорите на сите институции за да го зачуваме овој раритетен еко систем, кој воедно е најголем басен со питка вода во Европа и езеро богато со ендемски видови, додаде Бакрачески.

Тој рече дека оваа година треба да бидат дефинирани правците за сеопфатна реконструкција на колекторот на Охридското Езеро кој поради дотраеноста се помалку ја извршува функцијата за која е изграден. 

Г.М.