Со почетокот на грејната сезона, повторно се појави проблемот со загадувањето на воздухот кај нас. Дури и во Охрид кој е опкружен со планини и со најголемото природно езеро во земјата, мерните единици од системот на Државниот инспекторат за животна средина – ДИЖС, покажуваат загрижувачки резултати, особено во вечерните часови.

Највисока концентрација на штетните ПМ 10 честички половина час по полноќ, ноќесна е измерена кај Гимназијата 409,65 микрограми на метар кубен, што е нешто над 10 пати над нормалата (40 единици на м3). На истото место измерена е висока концентрација на уште поопасните ПМ 2,5 честички oд 193,37 мг/м3, кои се помали и уште подлабоко навлегуваат во дишните патишта на луѓето. Најчист воздух, пак, според мерниот систем на ДИЖС, ноќеска дишеле жителите на Варош каде концентрацијата на ПМ 10 честичките изнесува 39,78 микрограми на метар кубен, а на ПМ 2,5 честичките 19,05 микрограми на метар кубен.

Според анализата на ДИЖС најголемото загадување во Охрид доаѓа од загревањето на домаќинствата, кои користат влажни дрва кои, пак, испуштаат двојно повеќе ЦО2. Дел доаѓа од неквалитетен јаглен кој исто така се користи во домаќинствата, а потоа следи сообраќајот, додека најмало загадување има од индустријата, која во Охрид практично и ја нема.

На зголеменото загадување во градот реагираше политичката партија Левица, според која тоа во најголем дел се должи на непланската урбанизација.

Во град каде што нема тешка индустрија, необјасниво е како Охрид е меѓу најзагадените места во Македонија. Дали масовната урбанизација и нерегулираното градење ја намали циркулацијата на воздухот во Охрид? Дали користењето штетни материјали за огрев го зголемува загадувањето на амбиенталниот воздух? Дали неконтролираната и нелегалната сеча на околните шуми придонесува за овој проблем? Итно бараме одговор од надлежните органи и апелираме да преземат конкретни активности. – стои во реакцијата на Левица.

Г.М.