Селекторот на фудбалската репрезентација на Албанија, Џани Де Бјаси, не е задоволен од одлуката на Дисциплинската комисија на УЕФА по повод прекинатиот квалификациски натпревар меѓу Србија и Албанија.
УЕФА претходно во петокот го регистрираше прекинатиот натпревар со службен резултат 3-0 во корист на Србија, и истовремено на српската селекција и’ одзеде три бода поради лошата организација на натпреварот.
Дисциплинската комисија на УЕФА, исто така, парично ги казни фудбалските сојузи на Србија и на Албанија со по 100.000 евра, а Србија наредните два натпревара во квалификациите како домаќин ќе ги игра пред празни трибини.
„Со оваа одлука не добивме правда, само ни е одземено она што го освоивме на теренот“, рекол албанскиот селектор Де Бјаси.
Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Албанија, Адманд Дука, најави дека одлуката ќе биде обжалена, додека Фудбалскиот сојуз на Србија подоцна во петок ќе решава за своите натамошни чекори, иако пред да биде донесена одлуката од српскиот сојуз најавија дека без приговор ќе ја прифатат секоја одлука на УЕФА.
„Не сме задоволни, ќе ја обжалиме одлуката. Нашата правна борба ќе продолжи. Нашите аргументи се силни, заслуживме три бода, во тоа сме убеден“, соопшти ФС на Албанија.
„Макфакс“