ВМРО- ДПМНЕ континуирано ги лаже граѓаните и ние нема да дозволиме граѓаните да помислат дека тоа е вистина. Нивните обвинувања се контрадикторни, од една страна се борат за вработувања, а кога вработуваме повторно не чиниме, вели директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Сашо Алчев, одговарајќи на денешните обвинувања за партиски врабоотувања ,упатени од општинската ВМРО- ДПМНЕ.

– Најпрво не обвинија што локалната не конкурирала за вработување општи работници кои би земале по 6000 денари и би биле без здравствено и пензиско осигурување. Сега не чини кога јавното претпријатие вработува комунални работници кои ќе добијат здравствено и пензиско осигурување и ќе земаат  плата од околу 12000 денари, изјави Алчев. 


Тој објасна  дека не станува збор за некакви партиски вработувања, туку дека тие се вршат  согласно систематизацијата и потребите на претпријатието,а  се со цел да се реализира предвидената програма за работа за 2013 година.

– Воопшто не станува збор за  партиски работници. Тоа се луѓе кои секојдневно ги гледате како чистат низ улиците на Охрид , за разлика од оние кои ВМРО- ДПМНЕ ги вработува, а седат дома и земаат плата. Моја цел е да вработувам луѓе, а не да испуштам од работа. И тие кои ги затекнав кога станав директор ги задржав, немам избркано никого освен оние кои не сакаат да работаат. Ќе вработуваме и понатака поради потребите на претпријатието, затоа што наша цел е што поквалитетни услуги за граѓаните, додаде Алчев.

Алчев додаде дека на вработените во претпријатието редовно им се дели плата, а доказ за успешното работење се и податоците од билансот на успех и информациите од извршеното анкетирање на граѓаните од страна на Центарот за развој на локална демократија, според кои задоволствоото на граѓаните од услугите од ЈП „Охридски комуналец“ во периодот од 2008 до 2011 е во постојан пораст.
 
– Доколку се загрижени за работењето на јавното претпријатие, ги повикувам нивните партиски другари кои се во министерствата и управуваат со  јавни претпријатија кои ни должат пари,  да ни го платат долгот, а со тоа и ние ќе ги севисираме нашите  долгови кои ги имаме. Што се однесува на долгот кон ЕВН, ќе се пребие преку нивното исплаќање на долгот што го имаат кон локалната  самоуправа и тоа брзо ќе биде завршено, рече директорот на ЈП „Комуналец“.

Алчев додаде дека неосновани се и обвинувањата дека услугите на јавното претпријатие неколку кратно се зголемени. Нагласи дека од кога е тој директор на претпријатието, цените на услугите се зголемиле само еднаш за 9% , додека пак цените на репроматеријалите неколкукратно.

Реакција на ВМРО ДПМНЕ

На пресот на директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ реагираше ВМРО ДПМНЕ. Оттаму велат дека обидот преку партиски вработувања да се задржи власта и функцијата нема да успеат.

Немајќи аргументи и факти за одбрана директорот на ЈП Охридски комуналец Сашо Аљче се користи со небулози со кои повторно до израз доагаат не само лажните обвинувања кон ВМРО ДПМНЕ туку до израз доаѓа и неговата политичка култура.

„Не е Алчев повикан да држи политички пресови туку да одговори на прашањата, да одговори меѓудругото и на отворени прашања  како што се : колку има кривични пријави за злоупотреби на службената должност, да одговори колку има пријави за неовластено полагање на отпад на несоодветно место , да одговори каде ги потроши 14.милиони денари  од Општинскиот Буџет кои другар му Градоначалник ги префрли кај него, да одговори каде се уште 7 милиони денари што повторно истиот другар му ги префрла од Општинскиот Буџет, да одговори како си дозволува да  ги малтретира вработените во Охридски Комуналец кои бараат права и плата, да одговори зошто сметките за ручеци му се по 40.000 денари за еден ручек, да одговори кој тоа му ги плаќа авионските карти за шетање по светот и по натпревари. И да одговори зошто сака да побегне од директорското место во Комуналец и да се смести во Општината секако за само 3 месеци престој.“-се вели меѓу другото во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.

Контра реакција на директорот на „Комуналец“

„За каква доблест и политичка култура зборувате Вие од ОК ВМРО-ДПМНЕ
кога на одржана прес-конференција повторно поставувате нови прашања,
како да сте некоја „Варошка чашитка„. На сите Ваши прашања ќе Ви
одговорам, едно по едно, на наредната прес-конференција.

Како што имате храброст јавно да го оцрнувате мојот углед и
телефонски да се јавувате после одржана прес-конференција да ми изразите
сочуство за мојот татко, очекувам и да смогнете храброст и да ми се
извинете за изнесените лаги
И да завршам, ќе останам директор уште многу години.“ -стои во реакцијата на директорт на ЈП „Охридски Комуналец“, Сашо Алчев“’
 
Т. К.